Македонија во 2017 влезе со рекорден буџет

Македонија во 2017 година влезе со рекорден буџет од 3,35 милијарди евра и со проектирани за 20,7% повеќе пари за капитални инвестиции од 2016 година, односно 438 милиони евра. 327 милиони евра се наменети за вложувања во патната инфраструктура, во автопати, магистрални, регионални и локални патни правци, пишува Лидер.

Околу 13 милиони евра се предвидени за железничката инфраструктура, а париќе се вложуваат и во енергетиката, комуналната инфраструктура, во нови болници, студентски домови, градинки, училишта, во уредување на слободните економски зони.

-Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој. Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции во изминативе години се покажа како добра за повеќе сектори, пред сè за градежништвото и индустријата, затоа од 2009 година наваму постојано се зголемува износот на капитални инвестиции во буџетот, изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Капиталните инвестиции во инфраструктура се покажаа како главен носител на растот, особено во време на многу неизвесности и ризици кои доаѓаа како однадвор, поради Бегзитот и финансиската криза, така и однатре, како последица на политичките случувања. Вложувањата во капитални проекти отворија работа за домашните компании, за градежниците, и за низа други индустриски гранки, што потоа се отслика и на целокупниот економски раст. Градежништвото годинава се очекува да оствари стапка на раст од 5,2% на реална основа.

-Градежниот сектор е еден од главните двигатели на економијата во последните три години и ќе остане барам во идните две години. Инфраструктурните проекти направија да се раздвижи не само градежништвото, туку и други 25 стопански гранки коишто се тесно поврзани со градежништвото. Ефектите се евидентни, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Кои се параметрите на Буџетот?

Висок износ на капитални инвестиции, социјална заштита на ранливите категории, етапно намалување на буџетскиот дефицит – ова се главните постулати на кои се темели Буџетот.

Министерот за финансии Миноски вели дека државната каса е во одлична кондиција. 2016 година сме ја завршиле со одлична наплата на даноците од 99% и со понизок буџетски дефицит од планираното, што според Миноски е показател за доброто водење на политиките.

-И во 2017 година, сервисирањето на обврските на буџетот, како и исплатата на плати, пензии и на други расходи ќе се одвива редовно и непречено, вели министерот. За годинава очекува солиден економски раст, што се проектира на 3% од БДП.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 187,612 милијарди денари или 3,05 милијарди евра, за 7,6% повисоки од 2016 година.

Вкупните расходи се планирани на износ од 206,219 милијарди денари или 3,35 милијарди евра, за 4,5% повисоки од лани.

Буџетскиот дефицит е планиран на 3% од БДП или 18,6 милијарди денари, односно 302 милиона евра. Според планот, дефицитот ќе се финансира преку депозитите и од внатрешни и надворешни извори, во зависност од условите на домашниот и меѓународниот пазар на капитал.

Растот на извозот е проектиран на 6%, увозот се очекува да порасне за 4,7% на реална основа. Бруто – инвестициите се очекува да забележат раст од 4,5%, заснован на планираните инвестиции на јавниот сектор и очекувањата за постепен раст на приватните инвестиции.

-Расходната страна има две димензии: развојна димензија, која е во функција на поддршка на растот на македонската економија преку инвестиции во инфраструктурни проекти, и социјална димензија која е во функција на одржување на социјална стабилност и подобрување на животниот стандард на населението, преку сè на најранливите категории на граѓани, односно пензионерите, корисниците на социјална помош и земјоделците, соопштија од Министерството за финансии.

Економистите велат дека не треба да се отстапува од политиката на висок износ за капитални инвестиции, бидејќи тие се влог во развојот на државата, но е потребно нивна целосна реализација.

-Капиталните вложувања или капиталните инвестиции претставуваат основа за понатамошниот раст, односно импетус, развоен модем за целокупната економија, објаснува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

-Апелираме износот на капиталните расходи да не се намалува во текот на годината за да се стекне реална слика за намерата на владата, овој износ да го зголемува, посочија од Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“.

Повеќе пари за пензии, социјала, субвенции

Во Буџетот за 2017 година се предвидени пари за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор, за навремена исплата на пензиите, социјалните надоместоци и на земјоделските субвенции.

Па така, пензиите ќе растат и годинава. Предвидено е ново зголемување од 5% на ноемвриската пензија што ќе биде исплатена во декември. На сметките на околу 300 илјади корисници на пензија ќе им легнат за 600 денари повеќе пари.

За исплата на паричен надоместок за невработени се планирани 885 милиони денари, а за активните политики и мерки за вработување уште 555 милиони денари.

Предвидени се и 7,8 милијарди денари за редовна исплата на обврските по основ на правата од социјална заштита на ранливите категории.

 

Приватната потрошувачка годинава се очекува да забележи  раст од 2,1% при проектирано зголемување на вработеноста и платите. Проекцијата за растот на јавната потрошувачка изнесува 1,3%.

 
 
09.01.2017 - 13:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега