Македонија воведува реципрочни мерки за увозот од Хрватска?

Македонското министерство за земјоделство чека објаснување од хрватското Министерство за земјоделство за новите одредби од Правилникот за лозарство што ги донесе Хрватска. Заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски за Фактор вели дека не е исклучена можноста и Македонија да воведе реципрочни мерки кон Хрватска. Мерките би важеле во делот на увозот на хрватски производи, доколку се покаже дека новата регулатива што ја донесе Хрватска, ја попречува трговијата со Македонија.

- „Ние веќе стапивме во контакт со хрватското министерство и имавме средба со амбасадорката на Хрватска, за да ни објаснат,  да видиме за што точно станува збор, по која регулатива е тоа донесено и потоа ќе изградиме став, но откако ќе го слушнеме и официјалниот став од хрватското министерство за земјоделство. Ние сега прво ќе разговараме и ќе им образложиме дека тоа е на штета на договорот за стабилизација и асоцијација, а посебно и за билатералните односи со Хрватска. Ако постои такво нешто во некоја регулатива која што суштински значи со нетарифна бариера пречка за извоз на македонски производи конкретно за виното, тогаш и ние ќе ги преиспитаме нашите позиции и односите со Храватска, доколку има ограничување во однос на трговската размена. Во овој момент не можеме ништо да преземеме, бидејќи побаравме средба се обративме до амбасадорката, се обративме до хрватското министерство за земјоделство за да ни дадат нивен став. Доколку има суштинска измена и доколку таа регулатива ја попречува трговијата на Македонија со Хрватска, ние ќе преземеме соодветни реципрочни мерки“, вели Костадиновски за Фактор.

И од винските компании велат дека бараат веднаш да се превземат мерки.

Инаку, правилникот кој го донесе Хрватска стапи на сила од почетокот на годинава и дел од новите одредби предвидуваат дополнители нетарифни мерки за увозот на вино од трети земји, во која група Хрватска ја ставила и Македонија. Правилникот предвидува пролонгирање на периодот на ставање на увезеното вино во промет односно потребни се минимум 32 дена од моментот на царинење на виното до добивање на дозвола за пуштање на виното во промет со што се зголемуваат трошоците на македонските винарски визби. Новите одредби на хрватскиот правилник предвидуваат неколкукратно зголемување на трошоците за потребни анализи и заштита на животна средина, што доведува до дополнително оптповарување на продажната цена на виното. 

 

 

 

 

15.02.2017 - 09:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега