Социјален дијалог за повисок минималец

Бизнисот трпи поради политичката криза, трпи и социјалниот дијалог. Синдикалците не можат да инсистираат на своето барање за повисока минимална плата. Дополнителен проблем е што во земјава има и голема нееднаквост на платите за исти работи места. Сојузот на синдикатите на Македонија бара да се направи генерална стратегија за раст на платите, со јасни критериуми при исплатата на работниците, пишува Лидер.

-Има голема нееднаквост помеѓу секторите, дејностите и платите кои ги земаат работниците во различни сектори и дејности, а станува збор за еднаква работа. Сакаме еднаква плата за еднаква работа, овој принцип да го инаугурираме на некој начин и во Република Македонија, вели првиот човек на ССМ, Живко Митревски.

Компаниите порачуваат дека прашањето за повисока минимална плата може да се реши само преку квалитетен социјален дијалог, а не на сила. Се бара решение кое ќе доведе до повисоки плати, но нема и да предизвика отпуштање работници поради зголемени трошоци на фирмите.

-Сметам дека без консензус на сите заинтересирани страни не може да се донесе самостојна одлука за зголемување на минималната плата, вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Се брка повисок минималец, но и повисок просек!

Минималната плата во Македонија изнесува 10.080 денари. Просечната плата, пак, според податоците на Државниот завод за статистика изнесува 22.750 денари. Овие податоци се за првиот месец од годинава, а ако се направи споредба со истиот период од претходната година, просечната нето – плата се зголемила за 2,2%.

-Нашата идеја не е да разговараме само за минималната плата, туку воопшто да разговараме за платите во Македонија, вели Митрески.

Статистиката покажува дека најголем пораст на платите во изминатиов период имало во трудоинтензивните дејности.

-Причина за ова е немањето нов кадар за овие дејности. Платите ќе одат нагоре, бидејќи сè помалку има млади кои сакаат да работат во трудоинтензивните дејности. Тоа ќе биде важно и за спречување на одливот на кадар во странство, вели Димитров.

Просечната бруто – плата во јануари изнесувала 33 илјади 441 денар. 1% од вработените во Македонија не примиле плата за првиот месец од годината.

„Дебели“ плати во воздухопловниот транспорт

Пресметките покажуваат дека речиси половина од вработените во Македонија земаат плата меѓу 12 и 25 илјади денари. 8% се со повисоки примања од 25 илјади денари, а 43% се под границата од 12 илјади денари.

Највисоките плати се делат во воздухопловниот транспорт, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Просекот во оваа дејност во јануари изнесувал 60 илјади 476 денари.

Следуваат вработените во дејностите поврзани со компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 49 илјади 530 денари. Програмерите се најбарани кадри на пазарот.

-Се работи за сектор во кој не е најважна цената, односно не се конкурира преку цената, туку главен водител е квалитетот. Во таков случај мора да дојде до пораст на платите и на оние кои се веќе вработени, објаснува универзитетската професорка Никица Мојсовска – Блажевски.

По програмерите, следни на листата најплатени се оние кои се занимаваат со производство на фармацевтски производи и препарати, со просечна нето – плата од 45 илјади 991 денар. Вработените во секторот телекомуникации добиваат по 43 илјади 981 денар, во правните и сметководствените дејности во просек се исплаќаат по 43 илјади 279 денари месечно, по нешто над 42 илјади денари добиваат вработените во дејностите поврзани со производство на хемикалии и хемиски производи. Просекот кај финансиско – услужните дејности е 41 илјада 717 денари.

Најниски плати во Македонија, пак, има во: производство на кожа и слични производи од кожа (11.572 денара), производство на облека (12.959 денари), рибарство и аквакултура (13.592 денара), производство на мебел (13.699 денари), услуги поврзани со одржување згради и животна средина (13.785 денари), дејности за подготовка на оброци и служење храна (14.409 денари), преработка на дрво и производи од дрво (14.505 денари). Просекот во преработувачката индустрија изнесува 17.300 денари.

Податоците на Државниот завод за статистика за структурата на вработени покажуваат дека во преработувачката индустрија, земјоделството и во трговијата на мало и големо е половина од вкупното вработено население.

1,5 просечна плата за полнење на Синдикалната кошница

ССМ ја пресметува месечната синдикална кошница во која се вградени трошоците за исхрана, пијалаци, домување, хигиена, превоз, култура, облека и здравје. Таа се однесува на четиричлено семејство, кое живее во стан од 50 квадратни метри и не поседува автомобил. Последните податоци на Синдикатот се за декември, кога вредноста на синдикалната кошница ја пресметале на 32 илјади 102 денара. За да се наполни е потребна 1,5 просечна плата.

tabela minimal 2

Со нови вработувања до повисоки плати

Во Буџетот за 2017 година е проектиран раст на вработеноста од 1,8 проценти, се предвидува отворање на 11 илјади нови работни места. Надлежните сметаат дека отворањето нови работни места ќе поттикне раст на платите.

„Невработеноста се намалува, а тоа предизвикува раст на платите, коишто во изминатите години се покачија за над 65%“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Сепак, за да се исполнат очекувањата е потребно да се остварат проекциите за економски раст, што подразбира отстранување на последиците од политичката криза.

„За објективно зголемување на висината на платата влијаат повеќе параметри, но клучно е дека во рамките на социјалниот дијалог е потребно да има развиена свест, како и да има економска основа за да може да се зголемуваат платите“ – објаснува универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

 

 

 

26.03.2017 - 10:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега