Градот Скопје ќе дава по 4.000 денари за сите што сакаат да купат велосипед

Градот Скопје ќе ги поттикнува граѓаните да купуваат велосипеди доделувајќи им субвенции. Максималниот износ за поединечна субвенција за купување велосипед по лице ќе биде во висина од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, со вклучен персонален данок на доход. Финансиските средства, во вкупен износ од 10 милиони денари за оваа намена се обезбедени во буџетот на Градот за 2017 година.

За овој предлог ќе треба да одлучуваат градските советници на седницата на Советот што е закажана за утре. Конкретните критериуми и услови, како и начинот и постапката за доделување на субвенциите за купување велосипеди ќе бидат дополнително одредени.

Во образложението на предлогот се вели дека оваа одлука треба да придонесе за намалување на проблемот со зголемениот интензитет на сообраќај во градот, поради наглиот пораст на бројот на автомобили што, пак, значително влијае на загадувањето на воздухот. А, велосипедот е алтернативно превозно средство прифатливо за користење во градови со рамна површина како што е Скопје. Целта на субвенционирањето на набавката на велосипеди има краткорочни и некои подолгорочни ефекти: промовирање на велосипедот како основно средство за превоз во градски услови, едуцирање и поттикнување на населението за користење на велосипедот, како финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, потоа намалување на сообраќајниот метеж во Скопје, намалување на загадувањето и развивање на веќе започнатиот проект „Скопје велоград“. 

 

 

 

11.04.2017 - 11:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега