Градежниците и пркосат на политичката криза

Капитални инвестиции во инфраструктурата и вложувања во високоградбата – градежниците остануваат оптимисти за годинава. Очекуваат повеќе нарачки и склучени договори, подобрување на финансиската состојба, а најавуваат и  отворање нови работни места, пишува Лидер.

Последните показатели укажуваат дека иако компаниите од овој сектор стравуваат од последиците од политичката криза, сепак, не се откажуваат од нови инвестиции и деловни потфати, што резултира со релативно високи стапки на раст во оваа дејност.

„Капиталните инвестиции и стабилниот пазар на недвижности се само показател дека и во идниот период би требало да продолжи растот, но секогаш постои едно „но“. Апелираме час поскоро да се реши политичката криза, бидејќи колку и да сме отпорни како градежен сектор и ние имаме точка на виткање, во еден момент би можеле да покажеме и послаби резултати, доколку кризата оди во недоглед“ – вели првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.

Засега, работата не стои. Менаџерите на градежните компании оценуваат дека економската состојба во првиот квартал од годинава била поповолна во однос на претходното тримесечје, а и подобри биле движењата во однос на договорите, нарачките, финансиската состојба, се зголемила довербата.

За вторите три месеци од годинава (април – јуни) се очекува раст на вработеноста во овој сектор.

„Најголемо влијание на ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следниве фактори: зголемени трошоци за материјали со 20.7%, нема побарувачка со 17%, конкуренција во сопствениот
сектор со 10.6% и неповолни временски услови со 10.1%“ – покажа анкетата на Државниот завод за статистика.

Нема запирање, се градат нови станови

Политичката криза внесе доза на неизвесност и во градежништвото кое во изминативе години беше главен двигател на економијата, но компаниите не се откажуваат од вложувањата во високоградбата. Се градат нови згради и станбени површини. Бизнисмените велат дека има експанзија.

„Очигледна е експанзијата во последните 10 години. Ако пред 10 години имавме финансов обрт од 280 милиони евра, денес во градежниот сектор имаме 700 и 800 милиони евра“ – вели бизнисменот Ванчо Чифлиганец.

Позитивните трендови продолжуваат. Во јануари беа издадени 368 одобренија за градење, што претставуваше раст од 39,9% во однос на истиот месец од претходната година. Слична е сликата и во вториот месец од годинава. Уште 363 одобренија се издадени во февруари, односно за 8,4% повеќе во однос на истиот месец лани.

Според издадените одобренија, во првите два месеца од годинава е предвидена изградба на 1.208 станови, со вкупна корисна површина од 119 илјади 598 квадратни метри.

Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека, ако условите останат исти, цените на становите ќе бележат пад.

„Очекуваме благ пад на цените на недвижностите, пред сè поради зголемената градежна активност и намалената побарувачка на станови“ – објасни првиот човек на Катастарот, Славче Трпески.

Цените на становите веќе паѓаат. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната цена во 2016 година изнесувала 43.091 денар за квадратен метар, односно за 6.5% помалку во однос на претходната година. Просекот во Скопје, пак, изнесувал 50.829 денари, а тоа е за 3.9% помалку во споредба со 2015 година.

Крупни инвестиции во нискоградбата!

Министерството за финансии при креирањето на Буџетот за годинава одеше со проекција за раст на градежништвото од 5,2%.

„Во 2017 година градежната дејност се очекува да оствари стапка на раст

од 5,2% на реална основа, главно како резултат на реализацијата на планираните јавно-финансирани инфраструктурни проекти и предвидените инвестиции во слободните економски зони“ – се вели во Буџетот.

Министерството за финансии очекува расходната страна на државната каса да го поддржи растот на македонската економија преку инвестициите во значајни инфраструктурни проекти.

„Капиталните инвестиции се планирани во зголемен износ на ниво од

26.954 милиони денари и имаат приоритетно значење во креирањето на

фискалната политика, обезбедуваат подобрување на економските

перформанси и подобар и поквалитетен живот на граѓаните“ – стои во Буџетот.

„Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој“ – изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Изградбата на трите автопати ( Демир Капија – Смоквица годинава треба да биде комплетиран), реконструкциите на Коридорот 10, изградбата на нови експресни патишта, железницата, уредувањето на слободните економски зони претставуваат голем поттик за домашната градежна оператива.

„Капиталните инвестиции се тие кои обезбедуваат стабилност и се потенцијал кој ја движи економијата напред. Инвестициите во изградба на нови патишта не запираат“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Градежниците имаат загарантирана стабилност во овој период, обезбедени се пари за вредните зделки.

„Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е веќе обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност“ – вели Хот.

Оперативата фокусирана на домашен терен

Македонската градежна оператива е фокусирана на домашен терен и на изведба на големите инфраструктурни проекти. Оттука не треба да изненадуваат податоците кои покажуваат пад на извршените работи во странство. Во 2016 година, вкупната вредност на договорените градежни работи беше помала за 26.9%, а и вредноста на извршените градежни работи во странство од нашата оператива беше намалена за 19.4%.

Компаниите со позитивни финансиски резултати

И покрај политичката криза, македонските градежни компании остварија солидни финансиски резултати во 2016 година. Позитива прокнижија Гранит, Бетон, Бетон – Штип, како и оние за градежни материјали: Адинг, Усје, Мермерниот комбинат – Прилеп, Фабриката Карпош.

 

 

 

12.04.2017 - 10:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега