Расте бројот на патници на македонските аеродоми - се очекува поголем рекорд од лани

Расте бројот на патници на македонските аеродоми. Последните податоци на воздухопловните власти покажуваат дека во првиот квартал е остварена позитива од 7,1%. Се очекува годинава да се натфрли ланскиот рекорд и да се стигне до посакуваната бројка од 2 милиона превезени патници, пишува Лидер.

„Авиосообраќајот го развиваме и во 2017 година. Очекуваме 2 милиона патници. Наша следна цел е да ја имаме оваа бројка само на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Напорно работиме за да го постигнеме тоа“ – вели генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Евтините летови, новите дестинации, достапноста на европските метрополи и подобрената инфраструктура значително го зголемија интересот за летање, со што скопскиот аеродром постепено се претвора во регионален центар.

„Со мерките и политиките овозможивме 37 дестинации низ Европа и Блискиот Исток, рекорден број досега. Уште еден показател за успешниот развој на авиосообраќајот во Република Македонија е и фактот што имаме дополнително зголемување од 7,1% на бројот на патници во првиот квартал од оваа година“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Можности за патување по поволни цени

Влезот на нискотарифните оператори и политиката на субвенционирање дадоа резултат. Граѓаните на Македонија добија можност да патуваат до голем број посакувани дестинации по поволни цени. Веќе од октомври на македонскиот пазар влегува авиокомпанијата „Еуровингс“, дел од моќната групација „Луфтханза“. Ќе го понуди летот Скопје – Минхен, до главниот аеродром Франц Јозеф – Штраус.

„Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации. Очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина“ – вели директорот за развој на мрежата на линии на „Еуровингс“, Иван Ореч.

Влезот на „Еуровингс“ е важен и од друг аспект, а тоа е фактот што ни се отвораат нови интерконтинентални линии.

„Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со овој германски град, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу „Луфтханза“ и „Еуровингс“ како компанијата-ќерка“ – објаснува директорот Ерсој.

Годинава, летниот ред на летање го сочинуваат: Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Будимпешта, Келн, Копенхаген, Доха, Дортмунд, Дубаи, Ајндховен, Франкфурт, Фридрихсхафен, Гетеборг, Хамбург, Хановер, Истанбул, Љубљана, Лондон, Малме, Малта, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Ваксјо, Венеција, Виена, Загреб, Цирих.

Годинава, односно во летната сезона ќе почнат да се реализираат и летовите од Охрид кон Варшава и Котовице, што ќе значи и зголемување на бројот на посетители во нашиот најголем туристички центар. Претходно, на македонскиот пазар влезе и најголемиот европски тур – оператор Томас Кук.

Директни летови кон САД и Канада?

Македонските власти разговараат за воведување директни летови кон САД и Канада. Партнер се гледа во моќната „Туркиш ерлајнс“. Интерконтиненталната линија ќе биде од големо значење за земјава, особено ако се има предвид бројноста на нашинците од дијаспората. Дополнително олеснување за конечно да се реализира оваа цел е фактот што нашата држава има потпишано спогодби со Канада и со САД за воспоставување на воздушен сообраќај. „Воведувањето на еден ваков лет ќе овозможи и зголемување на бројот на патници кои ќе транзитираат низ домашните аеродроми, како и создавање од аеродромот „Александар Велики” еден водечки регионален центар“ – објаснуваат од Министерството за транспорт.

Најмногу се лета до Истанбул!

Истанбул со аеродромите „Ататурк“ и „Сабиха Гокчен“ е најфрекфентната дестинација со пазарен удел од 12,6%. Следуваат Цирих, Виена, Базел, Малме, Лондон. 54,8% од превезените патници отпаѓаат на „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Германија флуг“, „Пегасус ерлајнс“, „Еделвајс“.

Статистиката на „ТАВ Македонија“ покажува дека унгарската „Виз Ер“ во 2016 година успеала да превезе над милион патници, што претставува раст од цели 27%. Оваа компанија веќе оперира на 29 линии до 13 држави.

„Се радуваме на натамошната соработка со скопскиот аеродром и на воведувањето подостапни можности за патување за македонските граѓани“ – вели Сорина Рац од „Виз Ер“.

„Александар Велики“ во најдобрите 10

„ТАВ Македонија“ ја заврши 2016 година со 1,8 милион патници на двата аеродрома, а беше постигнат годишен раст од 15%. „Александар Велики“ трета година по ред се најде меѓу десетте најдобри во Источна Европа. Признанието од британската организација „Скајтракс“ е доделено во категоријата „најдобри аеродроми според глобалниот регион“. Групата ја предводи аеродромот во Будимпешта, по следуваат Талин, Киев, Рига, Белград, Тблиси, Софија, Братислава, Букурешт и Скопје.

„Остануваме на курсот за привлекување нови авиокомпании што ќе понудат дестинации со пристапни цени на билетите“ – вели Мисајловски.

Исто така, скопскиот аеродром „Александар Велики“ е прогласен и за најдобар аеродром во Европа во категоријата под 2 милиона патници.

„Ова е доказ за напредокот кој го постигнавме со скопскиот аеродром „Александар Велики“ во изминатите седум години. Се потврдува нашата посветеност на подобрување на квалитетот на услугите, и за авиокомпаниите и за патниците“ – вели Ерсој.

Во светски рамки, најдобрите 10 аеродроми се „Чанги“ во Сингапур, „Ханеда“ во Токио, „Инчеон“ во Јужна Кореја, аеродромите во Минхен и во Хонг Конг, „Хамад“ во Доха, централниот јапонски аеродроми во Нагоја, аеродромот во Цирих, лондонски „Хитроу“ и аеродромот во Франкфурт.

 

 

 

18.04.2017 - 11:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега