Македонија со добри услови за водење бизнис

Политичката криза ги загрозува економските текови, но земјава сè уште може да се пофали со добра бизнис клима и со поволни услови за стопанисување и за остварување профит, пишува Лидер.

Македонија во континуитет напредува во рангирањето на Светска банка како резултат на поедноставените административни процедури, олеснетиот пристап до капитал, ниските трошоци за правење бизнис, брзите и евтини постапки.

-Економските политики кои ги води Владата се во функција на поддршка на приватниот сектор. Во текот на изминативе години направени се бројни реформи од страна на Владата со цел да се создадат идеални услови за стопанисување во земјава. Преземени се мерки и активности во речиси сите сфери, како намалување на трошоците за стопанисување, скратување на процедурите, поедноставување на административните постапки и слично, вели министерот за финансии Кирил Миноски.

Државата зафаќа помалку од заработката на компаниите со што им остануваат стотици милиони евра за инвестирање во развој на бизнисот.

-Ние ја поддржуваме политиката на ниски даноци бидејќи овозможува компаниите да ја подобрат тековната ликвидност, да преземаат развојни и инвестициски активности, со што придонесуваат за зголемување на економскиот раст и за намалување на невработеноста во земјата, објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Сега, ефективната даночна стапка е трипати пониска во однс на пред десет години, кога изнесуваше 43,5%.

-Во однос на даночната реформа имате фантастичен систем што ги одржува даночните стапки релативно ниски. Тоа на индивидуите им овозможува контрола над нивните ресурси, да ги инвестираат и да ги трошат како што ќе изберат. Тоа е клучен аспект на економската слобода, вели Тери Милер од фондацијата „Херитиџ“.

Лесно и брзо се отвора нова фирма

Регистрирањето бизнис во Македонија е за девет пат побрзо во однос на периодот пред 10 години, трошоците се 7 пати пониски. Времето за увоз и за извоз е тројно намалено, а покуса е и постапката за добивање градежна дозвола. Овие факти на земјава и го донесоа високото десетто место во светот и петто во Европа во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка.

-Мислам дека Македонија постигна одлични резултати поради намалувањето на бирократските пречки при почнување со бизнис. Глобалниот рејтинг на Македонија е на 4. место од 190 држави во светот. Стопанственик ако ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично, објасни Валентина Салтане од Светската банка.

-Се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки, вели вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Свежи пари за фирмите!

Државата на фирмите ќе им стави на располагање нови 72 милионa евра. Евтините кредити од Европската банка за обнова и развој се наменети за малите и за средните претпријатија, а ќе се нудат во домашна валута преку комерцијалните банки, директно преку ЕБОР или со кофинансирање 50-50 проценти од ЕБОР и банките. Се работи за поволни кредити со повластена каматна стапка меѓу 4 и 5 проценти.

-Македонија веќе ја испрати апликацијата – акциониот план до Бордот на ЕБОР. Со оваа програма се решава еден дел од корпусот прашања што се поврзани со пристапот до финансии, кои се многу значајни за приватниот сектор врз кој почива македонската и речиси сите економии во светот, вели министерот Миноски.

Средствата ќе и дадат дополнителен импулс на македонската економија, имајќи предвид дека проблемите со ликвидноста на компаниите се секогаш високо на агендата.

-Најголеми причини за проблемите кои ги имаме се немањето доволно средства за развивање на планираните инвестиции. Во овој момент ситуацијата е таква каква што е, се надеваме дека ќе се надминат овие проблеми и дека во иднина ќе немаме проблем за реализацијата на нашите инвестиции и планови,  вели бизнисменот Игор Мицев.

Слични поволни кредити се пласираа и преку Европската инвестициска банка во износ од 350 милиони евра.

Поддршка за фирмите „газели“

Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на активни деловни субјекти во Македонија изнесува 71.519. Најголем број фирми се занимаваат со трговија на големо и мало, а и преработувачката индустрија како сектор брои многу деловни субјекти. Најголем број од компаниите, односно 79.3% имаат од 1 до 9 вработени. Потоа следуваат деловните субјекти без вработени или субјекти со неутврден број на вработени (11.3%), па субјектите со 10 – 19 вработени со 4.3%, па фирмите со 20 до 49 вработени чие учество изнесува 2.8%, 1.9% од компаниите имаат од 50 до 249 вработени, а само 0.3% од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.

Годинава преку Оперативниот план се поддржуваат микро, малите и средните фирми да отворат нови работни места, но и таканаречените брзорастечки фирми или „газели“.

-Поддршката се однесува на доделување средства за набавка на единствено нова опрема во максимален износ од 615.000 денари по фирма и истата не може да ја отуѓат најмалку 3 години од набавката, стои во Оперативниот план.

-Во фокусот треба да бидат домашните компании, инвестирањето во нивниот развој како генератори на економскиот пораст на националната економија. Потребно е да се овозможи функционален систем за справување со сивата економија, од каде што нема придонес во буџетот преку плаќање даноци и придонеси,  вели претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска.

 

 

 

 

27.04.2017 - 08:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега