Курц: ЕУ треба да го смени курсот на развој за да не ослабне по Брегзит

ЕУ треба да го промени курсот на развој за да не ослабне по Брегзит, изјави австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, кој е и ротациски претседател на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), пренесе ТАСС.

„ЕУ преживува преломен момент поради Брегзит. Ние ќе направиме се што е можно во рамки на австриското претседателство со Советот на ЕУ, во 2018 година, Унијата да не стане послаба по излегувањето на Велика Британија од неа“, се наведува во соопштението на Курц по повод Денот на Европа.

„ЕУ треба да стане посилна во решавањето на важни прашања во сферата на надворешната политика, безбедноста, одбраната, во заедничката одбрана на надворешните граници или во засилувањето на конкурентната способност на економскиот простор на светската сцена“, подвлече Курц.

„Но, Унијата не треба да се меша во сферите кои подобро се управуваат на национално или регионално ниво. Во оваа врска не гледам смисла за натамошно изедначување на политиката и социјалната сфера или во областа на здравствената заштита“.

Шефот на австриската дипломатија призна дека серијата непријатни настани од минатото довеле до зголемување на јазот меѓу ЕУ и нејзините граѓани, поради што Унијата треба да го промени својот курс.

Австрија ќе биде ротациски претседател на ЕУ во втората половина на 2018 година. 

 

 

 

09.05.2017 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега