Сите ние сме многу виновни

Новото ветување (на српската Влада) дека платите и пензиите до крајот на годината ќе се покачат, повеќе од кога било ги уверува и најнаивните е дека повторно се спремаат избори. Но, ако работите се погледнат малку подобро, се е тоа иста тема - медиумите и манипулациите - па да зборуваме за таа тема.

„Најголем придонес за развојот на таблоидното новинарство дадоа самите новинари. Тие станаа архитекти на сопствениот пораз, кога ја напуштија вербата дека нивната професија е над секаква лична корист“. 

Ова е отворен коментар кој читател го оставил на сајтот на ТВ Н1, коментирајќи ги прогласите на новинарските здруженија и синдикатите по повод 3 мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите. 
На прв поглед прецизно целно, во ценатрот на метата. Ако се мета самите медиуми. Но, дали во која било работа, само тоа јавно лице (алузијата е намерна) може да биде виновник?

Зарем законот не вели, на пример, дека и клиентот и ноќната дама прават прекршок од ист ранг; дека подеднакво се виновни тој кој прима и тој кој дава мито; дека заеднички одговараат и гатачот и нејзината жртва; надрилекарот и надрипациентот...

Да не набројуваме понатаму, прашањето е јасно: тогаш зошто и во општествен и во облигациски однос на медиумите и партнерите би биле одговорни само новинарите, а не и тие кои со своите пари и не/дејствување го финансираат и обликуваат тоа што ја прави медиумската сфера? На која, нема дилеми, доминираат таблоиди во сите форми, печатени, електронски, иако има и такви со придавката сериозни. Партнерите, секако се купувачите/претплатниците, индустријата и маркетингот.

И политиката која бесрамно манипулира со сите тие делови на една голема целина.

Некој лаконски ќе каже дека таблоди не би имало ако некои луѓе кои себе се нарекуваат новинари би престанале да ги прават. И тоа е точно, но само како почетна премиса, дури силогизам, бидејќи за правење таблоди од балкански тип, новинарски знаења и вештини не се потребни, дури можат и да пречат. Освен тоа, таблоидите се готват во други кујни!

Но, одиме понатаму; медиумите одамна не се само прашање на инфорација, демократија и степен на човекови права и слободи, туку се и моќна индустрија која вработува голем број луѓе во светот. И токму таа индустрија утврди дека токму таблоидниот шарен свет кој се продава во киосците и во дневни и во периодични дози донесува најголем профит.

Како што и фингираниот живот, разни фарми и сите реалити форми, ги надминуваат сите рекорди во гледаноста.

И да не ги заборавиме новите медиуми, рекламата се исплати само на сајтови кои не нервираат со сериозни содржини. Следствено, токму тие на стопанството му донесуваат најголем можен огласувачки пазар, а со самото тоа и потенцијално најмногу купувачи и најголем профит. Исклучок се специјализираните медиуми, посебно спортските.

Следното прашање е слично на парадоксот на кокошката и јајцето, што претходи на што? Дали прво некој многу паметен се сетил озборувањата да ги спакува во формат на медиум или озборувањата, водени од нечија сигурна рака, незабележано е форматизирано? Можно е и едното и другото, но треба да се знае дека во сето тоа најважен е интересот, за почеток на продавачите и купувачите кои легнаа едни на други како капак на тенџере.

Кој не верува, нека прави блиц анкета меѓу пријатели, колеги и роднини и ќе утврди дека секој десети, во најдобар случај, мафта со печат кој не влегува во рангот на таблоид или со далечинскота за да види емисија која не мириса на скандал. А овие најмладите, интернет сурферите, најмалку се задржуваат на вестите од кои животот ни зависи, се информираат и мислењето го формираат прегледувајќи ги електронските верзии на печатените таблоиди.

Посветен истражувач аматер ќе открие уште една закономерност: секој образуван и писмен човек јавно се згрозува од нив, а тајно ги купува или барем редовно ги следи. Што е во согласност со наведената озборувачка природа, од една страна, а од друга од човечката потреба сами на себе да изгледаме понормално од извиканите ѕвезди.

Значи светот на таблодите одамна беше создаван и се повеќе добива на сила алибито на нивните творци, публиката сака крв, секс и туѓа пот. Проблемот и за новинарската професија, но и за публиката, настана тогаш кога таблоидите ја преминаа таа граница и од обична порнографија влетаа во политичката.

Многу помогнати од самата политика која така најмногу профитираше, бидејќи доби најевтин и најделотворен облик за сопствена пропаганда и контрапропаганда. Точно по распоред и начела по кој работат службите кои ги снабдуваат со медиумска муниција!

Дека е така сведочи и фактот што во Србија, како и во соседството, на прстите од една рака може да се набројат политичари кои одбиваат на јавноста да и се обраќаат преку таблоиди. Изговорот на повеќето од нив е наводната слободата на печатот, а чесните меѓу нив признаваат дека без таблоиди нема одек. Макар и да е негативен.

Наведеното добро го илустрира горката анегдота од неодамнешната претседателска кампања (во Србија) кога на кандидатот Саша Јанковиќ еден работник во мало место му рече: „Ако го немаше „Информер”, немаше да знам како изгледаш!”.

Меѓутоа, на малкумина воопшто им паѓа на памет дека токму политичарите се први задолжени за одвојување на житото од плевелот; политичарите мислат дека се дадени од бога да управуваат со сите и со се во земјата, па и со медиумите како огледало на општеството.

Медимските сопственици и менаџери мислат дека скутот на политичарите е најбезбедно место за напредување и заработка, а уредниците и новинарите се однесуваат како да ја работат својата работа, но без авторизација „од горе” не пуштаат ни временска прогноза.

Публиката, како и тие, главно смета дека е нормално да се работи, па така и да се пишува, по старо: врзи го коњот каде што ќе ти каже газдата. Незадоволните се затвараат во социјалните мрежи кои се уште се надвор од дофатот на власта, но и на јавноста.

Но, тоа што мнозинството мисли по ист калап, не значи дека така и треба да биде. Напротив. Најделотворните медиуми, иако и најдолготраен начин да се заштити јавниот интерес во оваа област, а со тоа и на целото општество, е креирање на здрава медиумска сфера и атмосфера. Звучи како политикантска флоскула, но далеку е од тоа. Тоа подразбира, пред се, добри, добро спроведливи и спроведени медиумски и продружни закони. Во Србија до некаде е исполнет само првиот од тие три услови, но и тој поради недостатоци мора да оди на поправен.

Подеднакво е важна улогата на судството како независна гранка на власта, која работи на ист начин. За почеток, недозволено е судот да штити министер по забрзана процедура, а граѓанин да држи со години во процес. Или обратно, новинарите и медиумите кои не им се блиски на власта брзо да ги казнува, а пропагандните машини да ги пушта да прават што сакаат.

Во секоја смисла, по туѓите животи и дејности, вклучувајќи го и рекетирањето како највносна заработка. Кое можеби се дели таму каде што треба, но извесно не влегува во даночниот систем, ниту пак за тој рекет се грижи полицијата, антимонополските и антикорупциските органи. Би можеле сешто да откријат, а тоа сешто може и живот да чини!

Кутрите мали новинари, ќе помисли некој по сите овие редови, или обратно, така им треба. И едното и другото истовремено е точно и погрешно. Ако појдеме од старата теза дека новинарите се совест на општеството, мора прво да се прашаме дали му е потребна совест на општество кое се задоволува со политички садомазохизам, перење на мозоци и импутирана стварност? Изгледа дека не му треба.

Но, сепак не може совеста да се стисне како змија, таа лази и дење и ноќе. А тоа колку брзо ќе пропаѓа таа совест, навистина, во добра мера зависи од новинарите и медиумите. Добра но не и пресудна, бидејќи во симбиозата медиуми и партнери, партнерите одамна се посилни.

Или ако ја парафразираме старата политичка парола: Сите ние сме многу виновни. 

 

 

 

16.05.2017 - 10:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега