Миноски: Паушални се оценките за постоење на некаков скриен долг

Паушални се оценките за постоење на некаков скриен долг. Треба да се видат бројките, каков е тој скриен долг, за што се работи, од каде произлегува, какви се тие договори врз кои произлегува скриениот долг.

Ова во гостувањето во Вестите на Телевизијата Алфа го изјави поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски.

– Постои една категорија согласно Законот за јавни набавки кој што се нарекува повеќегодишна јавна набавка. Секоја повеќегодишна јавна набавка е евидентирана и Министерството за финансии ги има тие податоци. Меѓутоа, тука не станува збор за скриен долг, туку тоа е постапка која базира на важечкиот закон за јавни набавки, истакна Миноски.

Според него, треба да се почека, да се видат бројките, па потоа да се коментира.

-Можам да говорам за временскиот период од една година, во која што јас бев министер за финансии. Сите обврски кои беа доспевани во трезорот, беа редовно сервесирани, потенцира поранешниот министер за финансии.

Во врска со најавите за воведување прогресивни даноци, Миноски вели дека тој ја следи филозофијата според која ниските даноци влијаат позитивно на полнењето на државната каса.

-Воведување на прогресивните даноци во многу земји во светот покажале негативни резултати, зашто ја зголемуваат, пред се, даночната евазија, а понатаму влијаат дестимулативно на лицата кои што остваруваат високи приходи. Ја зголемуваат мотивацијата за селење на нивниот капитал во други држави, појаснува Миноски.

Вели дека поради ова треба да се биде многу внимателен кога се говори за прогресивното оданочување.

– Дури и со рамниот данок, имаме различен апсолутен износ на средства кои што ги уплаќаат компаниите и лицата кои што остваруваат различен приход, заради тоа што 10 отсто од милион денари и од 10 милиони денари е различна апсолутна цифра. Од тој аспект сметам дека рамниот данок е позитивен, влијае позитивно на претприемачите, на нивната мотивација и понатаму да инвестираат во компаниите, да купуваат нови технологии, да го шират бизнисот, да вработуваат нови лица, истакна Миноски.

 

 

 

 

 

13.06.2017 - 19:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега