МЗШВ: Дополнителната субвенција ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откуп на лубеници од 3 до 15 јули

Владата на Република Македонија, на почетокот на месецот, донесе одлука за дополнителна субвенција од два денари за килограм лубеници продадени кај регистрирани откупувачи со цел да се ублажи ценовниот шок од ниската откупна цена на лубениците, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од Министерството информираат дека изминатиов период, веднаш штом започнаа проблемите со откупот на лубениците, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски се сретнал и со производителите на лубеници и со откупувачите.

- Откако се слушнаа проблемите и барањата на земјоделците, веднаш следниот ден Владата, за да се стабилизира пазарот, донесе одлука за дополнителна субвенција од два денари за килограм продадени лубеници кај регистрирани откупувачи. Дополнителната субвенција ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откуп на лубеници во периодот од 3 до 15 јули годинава, стои во соопштението.

Од Министерството наведуваат дека земјоделците за да добијат дополнителна субвенција за лубениците треба да имаат засадени површини со лубеници и да се корисници од подмерката 1.5 за продадени лубеници на регистрирани откупувачи, а производството да е продадено на регистрирани откупувачи во периодот од 3 до 15 јули годинава, по откупна цена не повисока од 4 денари по килограм и за тоа да е извршена исплата.

При пресметката на директните плаќања, како што се посочува, се земаат предвид само количините кои не надминуваат 50.000 килограми по хектар.

Од Министерството истакнуваат дека сегашното намалување на откупната цена на лубеницата е очекувано и е резултат на падот на продажната цена на лубеницата на пазарите каде што се извезуваат лубеници. Токму од овие причини, велат, беше донесена и дополнителната субвенција за продадени лубеници на регистрирани откупувачи.

- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја следи состојбата на терен.  Како ресорно министерство, порачуваме дека на сите производители на лубеници кои што ги исполнуваат условите за дополнителната субвенција, неселективно ќе им биде исплатена. Владата на Република Македонија ќе делува континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно, стои во соопштението. 

 

 

 

13.07.2017 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега