АД ЕЛЕМ: Немаме скриени, ниту заостанати долгови кон стопанството
АД ЕЛЕМ нема скриени, ниту заостанати долгови кон стопанството, односно кон економските субјекти со кои има воспоставено деловни односи, порачуваат од компанијата.
- Ги испративме бараните податоци до Министерството за финансии со пресек заклучно со 31 мај и би сакале да појасниме дека станува збор за тековни обврски чии рокови за плаќање на тој датум се уште не биле доспеани, односно не е пробиена валутата за плаќање. Во информацијата испратена до Министерството јасно е наведено дека станува збор за тековни, а не заостанати обврски затоа што компанијата нема доспеани, а неподмирени обврски кон стопанските субјекти. Наведените податоци кои стојат во презентацијата се тековни обврски и се во целост подмирени во текот на изминатиот период, прецизираат од АД ЕЛЕМ, коментирајќи ги податоците за финансиските обврски на државните субјекти кон стопанството презентирани при вчерашната прес-конференција на Министерството за финансии и пренесени во дел од медиумите.
Нагласуваат дека компанијата е во одлична кондиција и сите обврски кон државата, стопанството и вработените редовно се сервисираат.
- АД ЕЛЕМ во првото полугодие од 2017 година оствари нето добивка која надминува 8 милиони евра и има депозити во неколку банки во износ од 20 милиони евра. Со оглед на ликвидноста на компанијата, предвреме е отплатен кредит кон Светска банка во износ од 903.526 долари. Истовремено, би сакале да нагласиме дека друштвото има евидентирани побарувања од правни и физички лица во износ поголем од 100 милиони евра. Компанијата во согласност со својот развоен и финансиски план и во иднина нема да дозволи доцнење на исплата кон деловните субјекти со кои соработува и ќе продолжи да ги сервисира тековните обврски во согласност со воспоставената динамика, прецизираат од компанијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа