Трајановски со благодарност до скопјани кои покажаа одлично гостопримство за Суперкупот- забавата продолжува, доаѓа „Супер Скопје“

Скопје вчера беше домаќин на голем спортски спектакл, каде што на националната арена „Филип Втори“ силите ги одмерија двата најголеми фудбалски клубови во светот, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Скопје се покажа како одличен домаќин на оваа голема манифестација којашто помина во најдобар ред, а за впечатоците и организацијата на настанот се обратија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и секретарот на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски.

– Ни претставуваше голема чест и задоволство, но и обврска да огранизираме ваков настан. Сметам дека бевме на ниво на задачата и дека Скопје се покажа како одличен домаќин, и ги исполнивме сите барања и стандарди кои УЕФА ни ги постави за одржувањето на натпревар од овој ранг. Изминативе неколку денови Скопје го посетија голем број туристи и љубители на фудбалот, кои имаа можност да се запознаат со нашиот град, неговите убавини и култура и сигурен сум дека не останаа рамнодушни на се она што имаме да им го понудиме. Сакам да се заблагодарам на ФФМ, за големата помош и одличната организација на овој голем настан. Сакам да им се заблагодарам и на сите институции, како што се јавните претпријатија на градот, Противпожарната бригада, Министерството за внатрешни работи, Црвениот крст и многу други, кои работеа посветено и професионално и придонесоа во беспрекорната организација на овој настан. Истовремено, сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за нивната поддршка, учество и разбирање за време на подготовките и одржувањето на овој настан – кажа градоначалникот Трајановски.

Честитките за одличната организација на УЕФА Суперкупот пристигнуваат од сите страни, а според првичните информации во Скопје, на фан зоната на плоштадот Македонија и низ најфреквентните локации во Скопје овие неколку денови биле присутни над 100.000 лица.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски, ја искажа својата благодарност до сите страни кои беа вклучени во проектот УЕФА Суперкуп Скопје 2017.

– Вчеравечер имавме изворедна организација, што беше потврдено од челните луѓе на ФИФА и УЕФА, како и од клубовите Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Она што се случи вчера ни дава мотив и поттик да работиме и понатаму, дека ФФМ ќе аплицира и за други проекти, за во иднина повторно да сме домаќини на големи натпреварувања. Ние како ФФМ, како социјално одговорна организација, се погриживме тоа да биде дел од свечената церемонија на отворањето на настанот, каде што со свој настап учествуваа учениците од „Партение Зографски“ со нивната интерпретација на хитот на Колдплеј. Нивниот прекрасен настан побуди емоции не само кај присутните на стадионот туку и кај сите покрај малите екрани. На овој настан го воведовме и концептот за т.н. „вејст менаџмент“ (waste management), односно контрола на отпад, каде што заедно со Градот Скопје и јавните претпријатија направивме стадионот, околните места и фан зоните да бидат чисти и целосно во согласност со стандардите за заштита на животната средина на УЕФА. Дополнително, на националната арена „Филип Втори“ беше имплементиран концептот за здрави стадиони, каде што беше воведена забрана за пушење – кажа Поповски.

Градоначалникот Трајановски најави дека активностите на градот во насока на збогатувањето на содржините за жителите на Скопје и посетителите ќе продолжат во наредниов период преку проектот „Супер Скопје“.

– Како што најавивме пред неколку недели, во соработка со менаџерите и сопствениците на угостителските објекти, наредниве неколку викенди, поточно секоја петок и сабота, на повеќе локации во Скопје ќе организираме настани и концерти на познати пејачи, со цел на подобрување на понудата и ноќниот живот за време на летниот период. Оваа година „Супер Скопје“ започна со манифестацијата „Пиволенд“, а потоа истата ќе се префрли и на други локации, каде што на 18 и 19 август забавата ќе се организира на Кејот 13 Ноември, на 25 и  на 26 август во Старата Скопска Чаршија, на 1 и на  2 септември на улица Македонија и на 8 и  на 9 септември на Боемската улица во Дебар Маало. Изготвувањето на програмата е во завршна фаза и се уште се потврдуваат изведувачите и истите ќе бидат соопштени во наредниве неколку денови – кажа градоначалникот Трајановски.

 

 

 

09.08.2017 - 15:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега