„Спас за Валандово“: На референдумот гласаа 4.700 граѓани

Иницијативата „Спас за Валандово“ соопшти дека на референдумот на кој валандовчани се изјаснуваа дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се „за“ или „против“ отворање рудници за металични суровини на територијата на општината, гласале 4.700 граѓани.

Според засега неофицијални податоци, не е постигнат цензусот за излезност на 51 отсто од граѓаните, што значи дека референдумот не е успешен.

Тие доцна синоќа на прес-конференција истакнаа дека во текот на денот имало многу притисоци од локалната самоуправа, компанијата Сардич и Украинската амбасада. 

- Ова личеше на се, само не на мирен референдумски ден. Наместо жителите на општина Валандово на овој ден како во секоја демократска земја да излезат и го дадат својот глас, тие беа сардисани од сите страни, изјави Кристијан Балески, еден од иницијаторите на референдумот.

Тој обвини и дека бил нарушуван референдумскиот молк со делење пропагандни материјали, со реклами на Радио Валандово и со агитирање од страна на противниците на референдумот и од претставници на една политичка партија.

Додаде дека пред референдумот имало и телефонски јавувања од, како што рече, носители на јавни функции, кои на вработените им се заканувале со помали плати и отпуштања, а на пензионерите им велеле дека ќе им ја прекинат пензијата. 

- Имаме повеќе од 10 документирани случаи на гласачи кои беа вратени од изборачките места, бидејќи ги немало на список, а ги има во електронскиот избирачки список, самите списоци не беа прочистени имаше и починати граѓани. Како и да е, и покрај сите овие опструкции, закани и тормозења, Валандово денеска ќе слави. Речиси половината граѓани свесно и разумно го дадоа својот глас против отровот и смртта, и тие вечерва ќе спијат мирно, знаејќи дека имаат совест и самопочи, истакна Балески.

На вчерашниот референдум во Валандово право на глас имаа 10.141 граѓанин. За да биде успешен, потребно е на гласање да излезат најмалку 50 отсто плус еден од запишаните граѓани со право на глас.

 

 

 

21.08.2017 - 10:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега