Општина Аеродром: Владата ја кочи изградбата на градинка во Ново Лисиче

Владата ја кочи изградбата на новата градинка „Буба Мара“ во населбата Ново Лисиче, обвинуваат од општина Аеродром.
Од општината на социјалните мрежи пишуваат дека и покрај тоа што е обезбедена целата документација, Владата одбива да ја стави на дневен ред точката поврзана со обезбедување на градежно земјиште.

„Имено, повеќе од еден месец Владата одбегнува да ја стави на дневен ред точката за доделување земјиште на кое ќе се гради оваа четврта по ред детска градинка во Општина Аеродром, иако е обезбедена целата потребна документација и сите согласности од надлежните институции.
Со одложувањето на точката за одобрување на земјиштето на кое треба да се изгради современа детска градинка, Владата врши директна опструкција врз работата на Општина Аеродром.
Општината е целосно подготвена за почеток на градежните работи за изградба на нова детска градинка за повеќе од 250 дечиња, потпишан е договор со изведувачот и обезбедени се финансиски средства од околу 30 милиони денари.
Затоа, од името на Општината, но секако најмногу од името на родителите, ја повикуваме Владата на Република Македонија да ја стави точката на дневен ред и да дозволи изградба на новата градинка, која е од витално значење за тој дел од општината за да се задоволат згрижувачките капацитети и да им се излезе во пресрет на родителите.“ – велат од општина Аеродром.

 

 

 

29.08.2017 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега