Општина Карпош: Нема услови градинките да работат во две смени, идејата на министерството е нефункционална

Поради немање на соодветни услови и капацитети, градинките во Карпош овој септември нема да бидат во можност да работат во две смени, информираат од Општината.

– Не ни е јасно како замислувате да работи втора смена до 21:30 часот, затоа што секој што работи во смени, работното време му завршува или во 22:00 или во 23:00 часот, што значи дека објектите заедно со персоналот мора да функционираат до полноќ. Во моментов сите наши објекти имаат недостаток на негователки, воспитувачи и помошен персонал. Да се одвои дел од персоналот и да се прераспредели во втора смена и секоја прва сабота во месецот, ќе биде на штета на децата кои  се веќе згрижени – пишува во дописот до Министерство за труд и социјална политика, на кој е потпишан градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

-За да функционира Вашата замисла, потребен ни е дополнителен персонал, како и дополнителни средства за продолжено греење и електрична енергија.  Од овие причини по обавениот разговор со раководствата на Јавните установи општински детски градинки, со вкупно десет објекти, со жалење можеме да Ве информираме дека не сме во можност од 1 септември да отпочнеме со работа во две смени – пишува во писмото.

Од Општината посочуваат дека одговорноста за нефункционирањето на оваа идеја е на Министерство за труд и социјална политика.

– Одлуката  сте ја донеле на 10.07.2017 година, а истата е примена во Опшина Карпош на ден 29.08.2017 година, што значи дека сте имале доволно време да обезбедите согласност за нови вработувања и нови средства за дополнителни трошоци – пишува во писмото.

 

 

 

31.08.2017 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега