ММФ за Македонија: Во пензија да се оди по 65 години - значително да се поскапи бензинот

Меѓународниот монетарен фонд ќе предложи повисоко оданочување на имотот и на горивото во Македонија и покачување на пензиите само врз основа на реалните трошоци на живот, а не ад-хок, како што правеше претходната Влада. Во изјавата што ја објави Канцеларијата на ММФ во Македонија по последната мисија од минатата недела се предлага и намалување на даночното оптоварување на платите кај примателите на ниски плати, пренесе Сакамдакажам.

„Високо регресивниот систем на оданочување на трудот ги обесхрабрува нискоквалификуваните работници да се приклучат кон работната сила и да имаат интерес за формално вработување, особено ако имаат на располагање семејни приходи во форма на социјална помош и дознаки“, стои во изјавата на Мисијата на ММФ, каде се предлага и поголема ефикасност во наплата на ДДВ и повисоко оданочување на имот и гориво.

„Ефикасноста на наплатата на ДДВ е влошена и останува значително пониска споредено со останатите земји од Западен Балкан. Подобрувањето на покриеноста и насочувањето на ризиците од усогласување, подобрувањето на работењето на канцелариите за големи даночни обврзници и воспоставувањето на целосно функционална единица за управување со ризици, би можеле  значително да ја подобрат наплатата. Дополнителни добивки во приходите може да се остварат со повисоки даночни стапки на горивото, кои се меѓу најниските во регионот, како и кај стапките на оданочување на имот“, се вели во изјавата на Мисијата на ММФ.

Тие предлагаат и намалување на тековните трошоци преку намалување на субвенциите и реформа на пензискиот систем.

„Фискалниот простор во последниве години во голема мера се користеше за зголемување на субвенциите и пензиите.  Нетаргетираните субвенции треба да се намалат, а воедно треба да се заузди големиот и проширен дефицит во пензискиот систем преку подигнување на законската возраст за пензионирање, до просекот во земјите од ЕУ, затегнување на можностите за предвремено пензионирање, индексирање на пензиите само преку индексот на трошоците за живот, како и со воздржување од ад-хок зголемувањата“, предлага Мисијата на ММФ во Македонија.

ММФ предвидува раст на БДП на 1,9 проценти во 2017 година, наспроти Министерството за финансии кое предвидува раст од 2,2 проценти. Тоа се должи на продолжената политичка несигурност која го сведе растот во 2016 година на 2,4 проценти што е најнизок од 2012 година.

Сепак, Мисијата вели дека среднорочната перспектива е поволна во зависност од континуираната политичка стабилност и силната надворешна побарувачка и се очекува реалниот раст на БДП одново да се врати на повисоко ниво во 2018 година и постепено да се зголеми на 3,75 отсто на среден рок.

 

 

 

19.09.2017 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега