Илиоски: Иднината на Битола и Македонија зависи само од работа

На почетокот сме на кампања за едни од најважните избори во историјата на независна Македонија. Избори на кои прво ќе гласате за себе, своето семејство, својот двор, својата улица, соседството и визијата за иднината на вашето најблиско опкружување и нашата Битола , но истовремено и за иднината на нашата држава Република Македнија која се соочува со најголемите предизвици во својата понова, независна историја.

-На почетокот на оваа предизборна кампања, за која вчера сите кандидати се обврзавме дека ќе вложиме максимални напори да биде фер и демократска, каква што доликува на еден град со висок демократски капацитет и докажана европска гласачка култура, сакам кратко да ја изложам мојата визија за Битола. Битола ја гледам како град на млади луѓе кои се убедени дека токму овде ќе најдат просперитетна иднина и повтрда на своето образование, стручност и квалитет. Град кој ќе создава услови за нови работни места и ќе се развива потпирајќи се на потенцијалот на своите млади сограѓани, посочи Илиоски.

Потенцира дека Битола заслужува да биде град со сите урбани обележја во кој жителите нема да се грижат за банални проблеми, кал и дупки на улиците, чиста и безбедна вода за пиење, соодветно депониран смет и високи санитеско хигиенски услови.

-Битола заслужува да биде образовен и културен центар со висок углед во академските и културните кругови – расадник на ценети и почитувани авторитети во сите области, не само во Македонија туку и во светот. Широк Сокак заслужува да биде посакувана и примамлива дестинација на патници и туристи на кои треба да им покаже што имала, што сочувала, но и што надоградила врз градското наследство од различните култури, вери и народи кои тука живееле и живеат. Битола мора да биде град на сите – на мажите и жените подеднакво, на Македонците, Турците, Власите, Ромите, Албанците, Србите, Бошњаците … на граѓаните од градот и граѓаните од селата, на ранливите категории, на лицата со посебни потреби, на пензионерите, на спортистите, на навивачите … град со еднакви шанси и грижа за сите, посочи Илиоски.

Според него, Битола мора да биде град на среќни, безгрижни и безбедни деца со убави градинки, училишта, паркови, спортски игралишта и терени.

-Битолчани мора да живеат во здрава и безбедна животна средина, квалитетен воздух, вода и почва со многу зеленило. Битолчани мора да имаат и лесен соодветен пристап до квалитетна здравствена заштита како и згрижување на старите и изнемоштени лица. Битола треба да биде град на сите нас кои живееме во неа и секој од нас на различен начин придонесуваме за нејзниниот комплетен лик – одговорно, чесно, стручно, посветено во партнерски однос со граѓаните, максимално отворено и транспарентно затоа што Битола е наш град – сите. Оваа кампања повеќе од било кога ќе го покажеме тоа партнерство на дело. Со мојот тим, ќе тропнеме на секоја врата, во секој двор, ќе го посетиме секое маало, секоја уличка, секое населено место ќе разговараме со сите, директно и отворено – да ги слушнеме проблемите, но и да ги чуеме вашите предлози, посочи кандидатот за градоначалник на општина Битола.

Рече дека како и секогаш, така и на овие избори ВМРО-ДПМНЕ настапува со предизборна програма со конкретни проекти, предвидени средства и рокови за реализација, додавајќи дека таа програма е резултат на досегашните постојани контакти со граѓаните.

-Но, нашата програма не е затворен документ. Како никогаш до сега сме подговтени да го сослушаме секој ваш предлог, секоја идеја и доколку нешто што е максимално издржано и неопходно, а сме сме го превиделе и пропуштиле, да се обврземе јавно дека заеднички, во партнерство со вас ќе го решиме. Сите Битолчани немаат ист интерес и секој наш сограѓанин е фокусиран на различни прашања кои најблиску го засегаат. За некој е најважна инфраструктурата, за друг спортот, за трет образованието. Ќе наведам само неколку примери, дел од проектите кои се однесуваат на животната средина – која ќе биде високо во мојот фокусот како градоначалник, во фокусот на советниците и новата локална самоуправа. Во следните четири години ќе насадиме 10.000 нови садници урбано и блоковско зеленило, ќе изградиме и опремиме комплетно нов парк како зелен појас во Нова Битола и како мерка за намалување на загадувањето од автомобилите – општината ќе субвенционира 50% од вредноста на секој купен велосипед од граѓаните, во износ не поголем од 4000 денари, појасни Илиоски.

Вели дека новитет во оваа кампања ќе биде силното граѓанско, волонтерско учество во неа и практично покажување на партнерството со битолчани уште отсега, на дело.

-Политичката борба треба да биде натпревар на идеи,комептенции и вредности , а не меѓусебни напади на политичките противници и ние сме цврсто убедени дека иднината на Битола и Македонија зависи само од работа, работа и уште посветена работа, а не од манипулации, ветувања и интриги. Така ќе биде и овојпат. Јас и како човек не знам и не сакам да се борам поинаку. Чесната работа ме крепела  и ме потврдувала и до сега , така и ќе остане. Работата и почитувањето на дадениот збор ќе победат на 15 октомври кога немам никаква дилема дека повторно ќе ви се обратам како ваш иден градоначалник. А сега – да работиме! Битола е на сите. Нека ни е аирлија почетокот на кампањата, посочи Илиоски.

 

 

 

25.09.2017 - 12:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега