Заев: Со човечка сплотеност и единство ќе се врати животот во Пехчево

Само со човечка сплотеност и единство може да се променат работите во Пехчево, и во Пехчево да се врати животот, истакна вечерва на предизборниот митинг од оваа малешевска општина претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

- Пехчево должи повеќе од еден милион евра и е срам и понижување за целиот регион. Но, нема нешто што не можеме да го промениме кон подобро, со човечка сила, сплотеност и единствено, Пехчево може повторно да го направиме да блеска, онака како што го знаеме, со џагорот на среќата, со градењето на пријателствата, дружбата меѓу луѓето, но, за жал тоа сето е изгубено, истакна Заев.

Тој ги потенцираше мерките преземени од Владата кои носат повеќе пари кај граѓаните и најавуваат подобар живот за сите граѓани, како и мерките за поддршка на стопанството.

Кандидатот за градоначалник на Пехчево од СДСМ, Драган Тренчовски, денеска вети пред граѓаните дека Пехчево ќе се гради плански. - Ќе градиме локални и регионални патишта, ќе го решиме долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, ќе обезбедиме приклучоци до сите домаќинства на реконструираната водоводна мрежа, со што ќе се подобри квалитетот на водата за пиење.

- Почитувани граѓани, пред десетина месеци вие со пенкало и глас, на демократски и достоинствен начин, ставивте крај на десетгодишното владеење на една недемократска власт и со тоа ги донесовте демократските промени во Македонија. Пред нас е нов предизвик. На претстојните локални избори, со заокружување на бројот 19 ќе придонесете кон промените во нашата општина, истакна Тренчовски.

На вечерашниот митинг во Пехчево беа претставени и кандидатите за членови на општинскиот Совет, а пред присутните свое обраќање имаше и Николчо Јовчев, носител на листата на советници од СДСМ и коалицијата.

Премиерот Заев пред почетокот на митингот во Пехчево имаше средба со граѓани во центарот на градот. 

 

 

 

29.09.2017 - 19:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега