Роглев најави низа проекти: Граѓаните на општина Богданци заслужуваат да живеат во модерна и убава општина

Кандидатот за градоначалник на општина Богранци од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Роглев денеска изјави дека граѓаните на таа општина заслужуваат подобро, заслужуваат да живеат во модерна и убава општина во која конечно ќе бидат задоволени сите основни потреби на граѓаните.

-Програмата што ја нудиме е реална и  остварлива, базирана исклучиво на потребите и барањата на жителите на  Богданци, Стојаково, Ѓавото и Селемлија. Нудиме модел на општина со широко отворени врати за секој  граѓанин, за секој проблем, за секој предлог, за секоја идеја без разлика од каде доаѓа, се со една единствена цел заеднички да направиме модерна и современа општина Богданци, истакна Роглев.

 

Тој денеска презентираше дел од предизборната програма и најави дека нему и на советниците во општината од ВМРО-ДПМНЕ приоритет ќе му бидат повеќе сфери од општествениот живот.

-Урбанизација, изградба на квалитетна инфраструктура, подобро образование, заштита на животната средина, и најважното, почитување на волјата на граѓаните искажана преку референдумот за изградба на рудници на територијата на Општина Богданци. Исто така нема да дозволиме изградба на прифатилиште за подолг престој  на  мигранти на територијата на општина Богданци. Ние Богданчани сакаме да помагаме, и немаме дилеми  да помогнеме кога е тоа потребно, но за се има  граници. Ќе ги вратиме традиционалните настани кои во минатото ја красеа општина Богданци, го обединуваа народот без разлика на националност,  вера, или партиска припадност. Ќе го вратиме спортскиот дух во Богданци на она ниво  по кое беше препознатлива општина Богданци во минатото не само во Македонија туку и пошироко, најави Роглев.

Кандидатот за градоначалник ги презентираше дел од проектите кои се предидени во неговата програма.

-Под итно ќе го довршиме и донесеме Генералниот урбанистички план на општина Богданци, а деталниот урбанистички план ќе го изработиме заеднички со бизнис секторот и граѓаните на општина Богданци во склад со нивните потреби, а се со цел да им помогнеме и да им овозможиме проширување на нивните бизниси и отворање на нови работни места. Ќе обезбедиме локации за нови индустриски зони по должината на регионалниот пат Богданци – Гевгелија во месноста викана Л‘ГОТ се со цел привлекување на странски инвеститори но и да ги вратиме нашите бизнисмени кои заради недостаток од простор изнајмуваат простори за своите бизниси во соседните општини, истакна Роглев.

Посочи дека за да се зголеми безбедноста на сообраќајот во Богданци ќе бидат изградени три кружни тека од кои еден на раскрсницата „Илинден“, еден на раскрсницата „Чавдарова Чешма“ и еден кружен тек надвор од Богданци на спојување на спојувањето на регионалниот и заобиколниот пат.

-Бидејќи од неодамна во Богданци нема автобуска станица, приоритет ќе ни биде изградба на  нова автобуска станица и тоа во самиот центар на Богданци. Заради подобрување на квалитетот на водата за пиење во Богданци ќе отпочнеме со промена на старите и дотраени азбестни цевки, проект кој е поголем и ќе се одвива во фази, а во исто време ќе поднесеме и проект за поврзување на водоводната мрежа на с. Стојаково со изворот на вода во с. Гавото. Уште првата година ќе отпочнеме со комплетна замена на колекторскиот систем во потегот по должината на реката Луда Мара, проект со кој конечно ќе се отстрани лошиот мирис кој се создава како последица на отпадните води кои не може да ги прифати постојниот колекторски систем. Ќе изградиме туристичко рекреативна патека Богданци-Паљурци, во која ќе бидат вклучени една инфо точка на Паљурци, и дел со фитнес зона на отворено. Со помош на Владата на Република Македонија ќе го реконструираме и асфалтираме регионалниот пат Гевгелија – Богданци – Дојран, како и локалниот пат од с. Стојаково – с. Селемлија, најави Роглев.

Посочи дека ќе се реконструираат и асфалтираат главните улици во селата Ѓавато, Стојаково и Селемлија, како и уште 30 помали локални улици во општината.

-Како општина ќе земеме активно учество во изградбата на светиот храм св. Ѓорѓи во с. Селемлија, заеднички со месното население. Ќе ја промениме локацијата на сегашната депонија во општина Богданци, со тоа ќе овозможиме Богданци да добие нов и атрактивен простор за домување, а со тоа и проширување на самото населено место бидејќи Богданци кое во овој момент има недостаток од локации на пристапен терен. Богданци е препознатлив по Ракометот, поради тоа финансиски ќе го поддржиме ракометниот клуб „Младост“ како и сите останати спортски клубови, фолклорни групи, како и локални музички бендови. Почитувани граѓани на Богданци, Стојаково, Гавото и Селемлија, најодговорно тврдиме тоа што го ветуваме, ќе си стоиме на зборот и ќе го исполниме, нагласи кандидато за градоначалник на општина Богданци.

 

 

 

30.09.2017 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега