Јанчев: Нудиме иновативни проекти и трајни решенија за клучните проблеми на кавадарчани

Кавадарци заслужува да биде на прво место. На кавадарчани им треба урбана средина која ќе нуди услови за развој и просперитет. На младите им треба простор за создавање и рекреација. Земјоделците имаат потреба од подобар пласман на своите производи и подобри услови, истакна кандидатот за градоначалник на општина Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев на денешната прес-конференција.

Во програмата нудиме трајни решенија за клучните проблеми со кои се соочуваат кавадарчаните. Ќе реализираме иновативни и креативни проекти кои ќе бидат од големо значење за кавадарчани. Вашата доверба значи и ваше директно вклучување во сите активности на локалната самоуправа, рече Јанчев и претстави само дел од проектите кои ќе ги реализира:

 
  • Започнуваме сосема нов проект МОЈ ОПШТИНАР. Преку овој проект општината ќе им биде достапна на граѓаните и ќе можат лесно да дојдат до решенија за проблемите со кои се соочуваат.
  • Реконструкција на постоечкиот колекторски систем и изградба на нов.
  • Доизградба и продолжување на кејот на реката Луда Мара, со оваа доизградба ќе се решат проблематичните места кои во овој момент се депонии.
  • Изградба и уредување на локалитетот 12 Ваташки младинци.
  • Изградба на две детски градинки. Со ова би се решил проблемот кој е огромен за родителите.
  • Ставање во функција на напуштениот објект „Ла Луна“. Ова место ќе прерасне во современ спа центар со современа теретана, сквош терени, затворен базен и детско катче.
  • Изградба на фабрика (ПОГОН) за откупување на вишокот грозје и претворање во алкохолен дестилат во однос на потребите на пазарот. Овој погон трајно би го решил проблемите со пласман на грозјето, кој од година во година станува се поголем.
  • Реконструкција на стадионот Тиквеш, како и реконструкција на спортскиот центар „Јасмин“ и дополнување со трим патека, лизгалиште и современо лизгалиште. Овие реконструкции ќе создадат услови за издигнување на спортот и место за рекреација за младите кавадарчани.
  • Изградба на велосипедска патека која му недостасува на Кавадарци.
  • Создавања на нови работни места преку странски и домашни инвестиции.
  • Уредувања и проширување на влезовите во градот.
  • Кавадарци има големи проблеми со кучињата скитници. Ќе воведеме шинтерска служба која ќе ги згрижи кучињата бездомници.
  • Изградба на две училишни спортски сали.
  • Нови два кружни текови кои ќе го намалат сообраќајниот метеж.
  • Затворен пазар со постоечка локација со катна гаража.

Овие проекти, додаде тој, се реални и нудат решенија кои ќе траат.

-На Кавадарци му треба лидер кој ќе знае домаќински да го води овој град. Јас и општината ќе бидеме во функција, во функција на Вас граѓаните. Да го направиме Кавадарци убаво место за живеење.

 

 

 

 

01.10.2017 - 12:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа