Солакоски: Време е за промена во Струга – жителите заслужуваат да живеат во уредна општина

Кандидатот за градоначалник на општина Струга од ВМРО-ДПМНЕ, Сеад Солакоски денеска изјави дека е време за премени и оти жителите на таа општина заслужуваат да живеат во уредна општина во која ќе бидат подобрени условите за живот и работа, каде заедничкиот животен простор ќе биде уреден според највискоите современи стандарди.

-Време е за нови луѓе со визија за модерна и развиена општина која ќе одговори на сите барања на современото живеење. Време е за општина која ќе биде препознатлива по својата чистота и грижа за животната средина. Време е за поинакво раководење, одговорно и посветено на решавање на клучните проблеми и потреби. Ќе работиме на еднаков развој на градот и населените места и секаде ќе реализираме проекти кои ќе ги решат нивните приоритетни потреби. Клучен проблем со кој ќе се соочиме се енормните долгови во кои е потоната Општина Струга со што е доведено во прашање нормалното функционирање на општина, и нејзиниот развој, истакна Солакоски.

 

Посочи дека ќе работи за да ги подобри условите и оти технички ќе се опремат градинките и училиштата.

-Изградбата на три нови градинки во општина Струга и наслелените места, со што ќе се реши проблемот со недостиг на просторни услови, и ќе бидат згрижени многу повеќе деца во општината. Решавање на големиот проблем со дивата депонија преку дислокација на истата и изградба на регионална депонија за складирање на отпад е од најголема итност. Веднаш ќе се разгледаат и сите други можни алтернативи, со цел итно и трајно решавање на проблемот со отпадот во општината. Ќе биде доизграден водоводниот систем, a континуирано ќе се работи на реконструкција на постојната водоводната мрежа и замена на цевките со нови, најави Солакоски.

Потенцира дека ќе ги реши проблемите со уништувањето на крајбрежјето на Охридското езеро и урбанистичкиот хаос кој владее таму.

-Ќе се реализира проектот за надградба на постојната пречистителна станица за отпадни води што ќе придонесе за зголемување на капацитетот за прочистување на отпадни води и нејзина поефикасна работа и проширување канализациониот систем. Ќе се реализираат сите досега започнати и зацртани проекти за изградба на примарна и секундарна канализационата мрежа. Ќе ги интензивираме активностите за што поскоро да започнеме со нова фаза, со што сите населени места ќе бидат опфатени во системот. Ќе ги санираме и уредиме каналите кои поминуваат низ населените места, ќе ги облагородиме централните и други простори со хортикултурно уредување, преку поставување на клупи, огради и канделабри, изградба на детски паркови, изградба на пешачки патеки и други урбанистички зафати. Сето ова е дел од нашиот план за уредување на животниот простор во сите населени места во општината, подвлече кандидатот за градоначалник на општина Струга.

Реле дека ќе бидат изградени современи велосипедски патеки до сите блиски приградски населби.

-За проблемот со паркингот на моторни возила предвидуваме неколку други решенија, кои вклучуваат и изградба на монтажни и катни гаражи. Ќе ги асфалтираме патиштата кои ги поврзуваат сите селските населени места во општина Струга. Недозволиво е што сѐ уште имаме во општината неасфалтирани патишта до одредени селски населби. Континуирано бидат асфалтирани и сите улици во градот и населените места. Ќе ги реконструираме мостовите на реката Црн Дрим кои се во лоша состојба, а некои дури и небезбедни за користење, посочи Солакоски.

Најави дека ќе бидат завршени веќе започнатите проекти за изградба на спортски игралишта, но и конечна реализација на проектите за изградба на мултинаменските игралишта.

-Ќе ги реконструираме сите маалски игралишта, ќе ги опремиме со опрема за стрит баскет, ќе изградиме тениски игралишта во Струга и го други населени места, ќе изградиме терени за фудбал и одбојка на песок, ќе изградиме фитнес зони, пешачки и други патеки за рекреација. Ќе изнајдеме хумани решенија за да се справиме со проблемот со кучињата скитници преку организирање на шинтерска служба и изградба на стационар. Ќе изградиме соодветни рампи и лифтови, со што на лицата со хендикеп ќе им овозможиме пристап до сите институции под надлежност на општината. Недозволиво е училиштата, градинките, јавните установи, па дури и зградата на самата општина да немаат начини за пристап на лицата со хендикеп, потенцира Солакоски.

Посочи дека општината ќе развие програма преку која ќе се изградат соодветни дневни центри за лицата со попреченост, или било какви специфични потреби.

-Нудиме програма која е реално остварлива, со конкретни проекти, начини и извори на финансирање. Убедени сме дека заедно со ваша поддршка можеме да чекориме напред во градење на подобра, попросперитетна општина Струга. Само со напорна работа општината ќе го добие својот европски лик. Секогаш работа, секогаш Македонија, истакна Солакоски.

 

 

 

 

01.10.2017 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа