Груевски: Ветуваме невработеност под 10%, нови 150.000 работни места, сопствени домови за младите

Живееме во еден период кога народот може да направи споредба и разлика како се работеше во времето кога ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата беа на власт, а како се работи сега откако со сила ни донесоа нова власт која работи незаконски, насилнички и спротивно на волјата на народот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на вечерашниот митинг во Свети Николе.

-Овој период гледаме работење  спротивно на волјата на народот. Сакате тоа гледајте го преку штетниот договор со Бугарија, сакате гледајте го преку обидите да се донесат неуставни закони, сакате гледајте го преку намерите и обидите во Македонија да се доселат 150.000 мигранти наспроти невработени граѓани од тука или преку политичките хајки и прогони, притисокот врз медиумите, судиите и администрацијата. Ова време на помрачување се виде многу брзо преку нивните лаги и манипулации кога пред изборите зборуваа дека секој ќе има 500 евра просечна плата. Ветија дека ќе ги зголемат платите и пензиите, па не ги зголемија. Дали младите по студирање добија вработување по автоматизам како што ветуваше СДСМ? НЕ. Погледнете ја нивната нова кампања. Тие користат лични навреди, омаловажувања, плукања кон мене и соработниците, продаваат ветер и магла, рече тој.

Тој рече дека новата ера ќе дојде после 15-ти октомври кога помрачувањето ќе се тргне.

-Ние кои отворивме 173.000 нови работни места, ветуваме нови 150.000 работни места до крајот на следната декада. Се трудиме ветувањето да е поскромно, за да можеме подоцна и да изненадиме со повеќе. Предвидуваме невработеноста да падне под 10 %. Таргет ни е до крајот на следната декада да достигнеме над 12000 долари по глава на жител просечна годишна заработка. Тоа ќе се оствари преку раст на БДП од 4 % и повеќе, а сиромаштијата ќе се намали за ¾. Невработеноста кај младите ќе се преполови,  порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека во новата деката планира голем прогрес во делот на обезбедување на домови, особено за младите лица преку овозможување на кофинансирање од владата, меки кредити и обезбедување на локации за секој млад човек да може со помош на државата да си изгради сопствен дом.

 

 

 

01.10.2017 - 20:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега