Шилегов најави гасификација и брзо зазеленување на Скопје

Решавањето на проблемот со загадувањето ќе биде приоритет. Ќе почнеме брзо зазеленување на градот, а примарен удар на загаденоста ќе биде гасификацијата на Скопје која ја почнуваме во 2018 година. За секој изграден стан, ќе бидат засадени од три до пет дрва, вети кандидатот за градоначалник од СДСМ Петре Шилегов на вчерашниот форум со граѓаните пред Универзална сала.

Шилегов нагласи дека Скопје денес е најзагаден од сите градови во Европа.  

- Дишеме воздух кој содржи најмалку 10 пати повеќе штетни честички од дозволеното. Од „Миле ми текна” го одземаа зеленилото, земаа „џaбaлaк” парцели, а ни донесоа технолошки застарени автобуси. Ни го одземаа и јавниот превоз. Ветувам дека Скопје со мене ќе има градоначалник кој нема да седи и набљудува, туку ќе реагира. Проблемот со загадувањето ќе го решаваме од првиот ден. Во моментов немаме податоци или градот ги крие, за тоа што е изворот за гушењето на Скопје, истакна Шилегов и најави дека во деновите кога е најзагадено ќе има јавен превоз, а онаму каде што е најзагадено, нема да има градежни работи.

Шилегов ги посети и жителите на село Копаница, а оствари средби и со мештаните од Рашче.

- Рашче за нас има голема симболика. Од Рашче доаѓа водата во Скопје, а водата е живот. Заедно да го вратиме животот во Рашче и животот во Македонија, рече Шилегов кој вчера ги посети и Свиларе, Кондово и Сарај.

Беше и во Чаир каде се сретнa со кандидатот за градоначалник на Општината Висар Ганиу, додека на игралиштето зад трговскиот центар „Три Бисери“, на отворена трибина заедно со кандидатот за градоначалник на општина Аеродром Златко Мартин, зборуваше за урбанистичкото планирање. Шилегов оствари средба и со стручни лица од областа на инфраструктурата во Стар Аеродром, пред Воениот Базен.

Шилегов пред Универзалана сала беше придружуван од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и носителот на Советничката листа за Град Скопје Билјана Секуловска-Габер.

Кандидатот за градоначалник на Скопје денеска ќе се сретне со Асоцијацијата на архитектите на Македонија и ќе го посети СРЦ Треска каде ќе оствари средби со граѓани од општината.

Во Музејот на современа уметност попладне, Шилегов ќе учествува на тв дебата со неговиот противкандидат Коце Трајановски, а остатокот од вечерта, како што најави СДСМ, ќе го искористи за агитација од врата до врата. 

 

 

 

02.10.2017 - 10:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега