Китев: Ќе го вратиме сјајот на спортот во Кавадарци

Ќе го вратиме сјајот на спортот во Кавадарци, рече на денешниот прес Бетиане Китев, кандидат за градоначалник од СДСМ и коалицијата.

– Кавадарци отсекогаш беше познат како еден од најспортските градови во Македонија. Од Кавадарци во минатото произлегоа врвни спортисти, како во тимските, така и во индивидуалните спортови. Но, за жал, долго време во спортот во Кавадарци не беше вложено ниту денар. Спортските објекти беа оставени на забот на времето, а спортистите се снаоѓаат кој како знае и умее, рече Китев.

По промената на локалната власт, нагласи, планираат сериозни иннвестиции во спортот и спортската инфраструктура.

– Како прво ќе ги реконструираме градскиот стадион, спортскиот центар “Јасмин” и градскиот базен, а ќе изградиме и велосипедска патека од Ваташа до Моклиште. Реконструирани ќе бидат и спортските терени при основните и средните училишта, од кои повеќето денес се распаѓаат, додаде Китев.

Понатаму, за правилен раст и развој на децата, рече дека ќе воведат физичко образование уште од прво одделение, со што, како што нагласи, на учениците ќе им се овозможи рано совладување на базичните спортски вештини и добра координација на движење, како и рана детекција на таленти и нивно правилно насочување.

– Ќе обезбедиме максимална поддршка на училишниот спорт и возобновување на малите Олимписки игри на локално и национално ниво. Во склоп на таа поддршка ќе овозможиме и стипендирање на младите спортски таленти, за во целост да се искористи нивниот потенцијал, соопшти Китев.

Најави дека ќе се зголеми процентот од буџетот што е наменет за спортот и ќе де обезбедат финансиски стимулации за фирмите кои инвестираат во спортот. Средствата наменети за спорт ќе се распределуваат со учество на спортскитеработници. Општината ќе ги покрива трошоците за користење на спортските објекти од страна на спортските субјекти и клубови.

 

 

 

03.10.2017 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега