Ристески: Планираме набавка на нови автобуси, воведување на нови линии во градскиот превоз

Еден од покапиталните проекти за Прилеп кој ги реализираше оваа локална самоуправа е проектот за јавен градски превоз кој започна во 2014 година со повеќе линии низ градот. По теркот сите урбани центри Прилеп за прв пат доби јавен градски превоз и заедно со Скопје се единствени градови во Македонија кои имаат јавен градски превоз, истакна денес актулниот и кандидат за градоначалник на Општина Прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески.

-Превозот на патници се врши со пет нископодни автобуси, наплатата се врши во самите автобуси со монети и со електронски картички. Цената на едно возење со монети е 20 денари, додека со електронските картички цената е во зависност од бројот на возења во просек 15 денари за едно возење. Јавниот градски превоз се покажа како голем бенефит за сите жители на Општина Прилеп. За овие четири години во просек, јавниот градски превоз го имаат искористено повеќе стотици илјадни сограѓани, вели Ристески.

 

Тој посочи дека во поголем дел јавниот превоз е субвенциониран од локалната самоуправа, а така ќе продолжи и во иднина.

-Покрај јавниот градски превоз се врши и превоз на ученици бесплатно превезува студенти, а и лицата со посебни потреби. Гордоста за формирање на јавниот превоз е уште поголема бидејќи тоа е идеја на пензионерите која ние ја реализиравме заедно со нив. поради овие резултати наша обврска е да го продолжиме и модернизираме јавниот превоз во градот. Во наредниот период планираме набавка на 10 нови нископодни автобуси со што ќе се овозможи поефикасен и поудобен превоз. Со набавката на новите автобуси ќе се зголеми бројот на линиите во градот. Во иднина се планира со јавен градски превоз да бидат поврзани и населбите Тризла, каде живее претежно ромско население, населбата која се наоѓа наспроти Жито Прилеп, како и линија која ќе сообраќа кон типската населба, потенцира Ристески.

Како што рече, по набавката на новите автобуси, се планира воведување на градски превоз и до населените места по фази.

-Во првата фаза, идната година, ќе бидат опфатени приградските населени места Селце, Мажучиште, Мало и Големо Коњари, Кадино село, Галичани, Беровци, Алинци, Старо и Ново Лагово, Загорани и Веселчани. Во втората фаза која ќе започне во втората половина од идната година ќе биде опфатен тополчанскиот регион. Во третата фаза ќе бидат воведени редовни линии во пазарните денови за Витолиште и Големо Родобил. Во план е и набавка на електрични минибуси за централното градско подрачје кои би се користеле и за прево на туристи до манастирите и позначајните локалитети во околината на Прилеп, вели Ристески.

Актуелниот и кандидат за градоначалник рече и дека планирано е поставување на модерни автобуски постојки, поставување на информативни табли за следење на автобусите во реално време.

-Ќе воведеме електронско следење на автобусите и електронско плаќање на карти преку мобилен телефон и интернет. Ќе воведеме бесплатен јавен превоз за пензионерите во пазарни денови, среда и сабота и бесплатен превоз до гробиштата во недела, потенцира Ристески.

 

 

 

 

04.10.2017 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега