Тарчуловски: Нови градинки, економски развој, унапредување на спортот, грижа за пензионерите во Кисела Вода

Сите ние споделуваме една и единствена иста судбина наречена Македонија. Како никогаш досега е потребно да останеме сплотени  и единствени, за да на крај да не се покаеме.  Денес не е доцна, но утре може да биде.  Јас никогаш не сум покажал слабост, нема ниту сега. Ова им го порача на граѓаните на Кисела Вода, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник, Јохан Тарчуловски.

-Јас сум човек кој минал низ многу радости и многу тага.  Многу пати сум се радувал, но и без најмалку срам ќе кажам дека и многупати душата ме болела. Но сегашната болка е најголема, бидејќи таа болка е болка за Македонија. Јас не гледам наназад со гнев, ниту нанапред со страв. Гледам  пред мене луѓе кои вистински и искрено од срце си ја сакаат земјата. Гледам луѓе кои се подготвени  заедно, храбро и јуначки за голема победа, победа за наша Кисела Вода, победа за Скопје, победа за Македонија, порача Тарчуловски.

 

Тој им порача на сограѓаните да не го гледаат како политичар, туку како пријател. Рече дека изминативе години е многу направено во Кисела Вода и тој ќе продолжи да работи за општината со многу нови проекти.

-Ќе работиме на унапредување на локалниот економски развој. Ќе соработуваме со приватниот сектор, ќе пружаме поддршка на малите и средни бизниси. Иновативните проекти на младите ќе ги подржиме финансиски и ќе помогнеме да започнат сопствен бизнис. Ќе воведеме регистар на компании и невработени лица на територијата на општина Кисела Вода. Ќе посредуваме за приоритетно вработување на жителите на општината во компаниите кои гравитираат на нашата територија. По системот за енергетска ефикасност, ќе ги реконструираме поголемиот дел од воспитно-образовните институции. Во насока на поквалитетно и попрактично образование, ќе продолжиме со доопремувањето на училиштата и училишните кабинети. Ќе го поттикнеме натпреварувачкиот дух и жедта за знаење кај учениците со тоа што 100- те најдобри  основци ќе ги наградуваме. За најмалите и најмилите ќе изградиме уште две нови градинки, комплетно опремени по сите европски стандарди. Максимално ќе се посветиме на инклузија на дечињата со посебни потреби. За нив предвидовме опремување на специјализирани сензор соби кои ќе функционираат  во рамките на двете градинки и ќе имаат за цел да ја олеснат комуникацијата и интеграцијата на оваа ранлива категорија на деца. Ќе воведеме бесплатни градинки и дневен престој за децата од еднородителски семејства. Ќе никнат мини детски игралишта во секое катче од урбаниот дел на општината, порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Кисела Вода.

Тарчуловски најави дека лично ќе се заложи за унапредување на спортот и спорските активности во општина Кисела Вода. По пат на јавно-приватно партнерство ќе биде изграден спортскиот комплекс Славија во населбата Пржино. Комплексот ќе содржи фудбалски, кошаркарски, ракометни и тениски терени, како и стаза за трчање.

-На повеќе локации на територијата на општината ќе поставиме фитнес зони на отворено. Ќе поставиме вештачка трева на терените за мал фудбал. Ќе ја реконструираме постоечката велосипедска патека во 11-ти Октомври и ќе изградиме уште една нова. Ќе ги поттикнеме и стимулираме училишните спортски натпревари. Финансиски ќе ги потпомогнеме спортските клубови од општината со цел постигнување на уште поголеми резултати и успеси. Активно ќе ги вклучиме и лицата со посебни потреби преку прилагодување на спортските содржини. Никако не ги забораваме и занемаруваме ни постарите, пензионерите. Ќе се  потрудиме нивната старост  да ја направиме што е можно подостоинствена и поудобна. Ќе ги активираме пензионерските клубови, ќе го поттикнеме натпреварувачкиот дух помеѓу нив, ќе организираме бесплатни екскурзии  и бесплатна помош на изнемоштените и сами стари лица , во извршување на секојдневните активности. Денот 11-ти октомври целосно ќе им го посветиме ним, на пензионерите од Кисела Вода. Планираме многу инфраструктурни проекти, како изградба на водоводни мрежи, атмосферски и фекални канализации. Асфалтирање на улици, улички и локални патишта во општина Кисела Вода.  Ќе засадиме над 8000 илјади дрва, ќе изградиме повеќе зелени паркови и паркчиња, паркови за домашни миленици, истакна тој.

Тарчуловски најави дека во соработка со Град Скопје и Коце Трајановски ќе биде завршена третата фаза од најфреквентниот булевар „Борис Трајковки“ како и многу други проекти.

-Да се биде Македонец е света работа, но и проклетсво на вечна борба за Македонија. Низ неа тече крвта на нашите прадедовци, крвта на Комитите, на Војводите, крвта на Партизаните, крвта на моите браќа Бранители. Никогаш целосно не и се израдувавме на нашата Македонија. Ако некогаш ја браневме од куршуми денес мораме да ја одбраниме од лажните патриоти со цинични насмевки и скапи одела. Нема да дозволиме нашите синови да растат во безимена држава и да не проколнуваат дека ние нивните татковци не сме си го одбраниле огништето и домот. Нема да дозволиме да не исплашат и поколебаат, порача Тарчуловски.

Ги повика сограѓаните на 15-ти октомври да излезат масовно на гласање и да го заокружат бројот 13 за победа во Кисела Вода, Скопје и Македонија.

 

 

 

 

05.10.2017 - 18:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега