Заев: Само заедничка Македонија има иднина - различностите се наше богатство

 

Само заедничка Македонија има иднина. Европа своите темели ги полага врз различностите, тоа е нашето богатство, ветер во грб, нашата предност, а не наша слабост. Мултиетничко Тетово ќе продолжи да ја испраќа пораката за мултиетничка Македонија, да ги дозаокружиме промените во Македонија, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот митинг во Тетово.

- Среќен сум што во мултиетничко Тетово Македонија е во мало и заедно сме примерот што ќе блеска во Македонија. Никој не губи ништо, ако некој друг добие некое право. Ќе дојде време кога сите ќе се гордееме со нашата единствена Република Македонија, истакна Заев.

Тој посочи оти промените мора да се дозавршат во Македонија и, како што кажа, „заедно сплотени и единствени Македонија ќе оди напред и ништо нема да може да застане пред нас“.

Заев се заблагодари на тетовци за поддршката, како што кажа, во борбата против режимот. - Стоевме рамо до рамо во една верба за подобра Македонија, во која ќе владее слободата, демократијата, соборивме режим со пенкало и со глас, одржавме лекција дома и на целиот свет. Додека некој се обидуваше да не спречи, да гради меѓуетнички раздор испраќајќи погани пораки, не земајќи притоа предвид што може да предизвика, сите заедно опстоивме, рече Заев, додавајќи дека Тетово е пример за соживотот во Македонија.

- Македонија е измачена од меѓуетнички, меѓурелигиски и какви било поделби. Едната страна од прачката секој ја крши, заедно сплотени никој не може да не скрши. Целиот свет ита напред кон модерни технологии, кон нови работни места, кон нови инвестиции, ние долго време бевме заглавени, рече Заев.

Лидерот на СДСМ истакна дека е отворен еден нов фронт на посветена работа, нови работни места, повисоки плати, инфраструктура, перспективи.

- Нашите претходници 11 години раскажуваа приказни за деца, држејќи го народот во грч со лоши тези, со валкани политики, со пренатрупани кампањи за перење мозок, го држеа народот во заложништво. Но ние покажавме дека може без тоа бидејќи овие избори поминуваат без закани и без притисоци, рече Заев.

Тој се осврна и на подобрувањето на односите со соседите во изминатите четири месеци. - Единаесет години не знаевме дали вината е дома или кај петте соседи околу нас. Не можете да бидете скарани со сите соседи. За четири месеци ги унапредиме односите и отворивме сериозни перспективи кон сите соседи. Бугарија е прв сојузник, од 1 јануари претседава со ЕУ. Со Србија покрај сите незгодни моменти отворивме одлична соработка и ја потврдивме по пат на дијалог. Со Косово и со Албанија ги унапредуваме односите. Со Грција градиме пријателство и покрај проблемот со името и ве уверувам дека со нашата македонштина што ја носиме ќе имаме решение со кое ќе останеме и горди граѓани на Македонија, рече Заев.

Наведе дека и за четири месеци се заштедиле 45 милиони евра, тие пари ги пренасочиле кон граѓаните, а со дел од парите се обезбедило и трајно покривање на придонесот кон стечајците.

- Државата не ни чини од политичарите, ако чесно работиме има пари за граѓаните. Јас ви ветувам таква политика и ќе стоиме така до крај, порача лидерот на СДСМ.

Живе Алексовски

Заев истакна дека за четири месеци додека се на власт, покажале резултати и во Тетово, најавувајќи при тоа оти наскоро ќе биде изградена и капелата кај православните гробишта. 

- Водоводот го завршивме, ќе бидат одобрени средства откако е завршен нацрт планот за градба на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ за 12 паралелки на македонски нааставен јазик да се вратат во зградата во интегрирано образование за сите деца. Определени се средства и за новото училиште во Мала Речица кое ќе се гради следната година како што со помош на Владата се најдоа средства за чистење на депонијата кај житните силоси на влезот на градот, истакна Заев.

Тој ја даде поддршката за актуелната и кандидатката за градоначалник од ДУИ Теута Арифи. 

За Тетово најави нови спортски терени, доопремување на старите преку јавни - приватни партнерства, децата од основото училиште ќе имаат наставник по физичко. - Ќе создадеме услови со цел младите повеќе да не ја напуштаат Македонија, порача Заев.

- Затоа еве не и со мултиетничка листа, од сите социјални и професионални, религиски аспекти, млади, повозрасни, мажи, жени шаренолики каква што ни е Македонија. исправени гордо со кренато чело бараме поддршка за иднината на Тетово за нашата етничка Македонија, истакна Заев. 

Носителот на листата на СДСМ за општина Тетово Живе Алексовски, посочи дека има и желба и визија да го подобри животот на сите граѓани во општината, со што Тетово ќе стане град со кој сите ќе се гордеат.

 

 

 

05.10.2017 - 22:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега