Советот на Град Скопје има нов претседател

Љубица Јанчева од СДСМ е новиот претседател на Советот на Град Скопје. Неа ја поддржаа 26 советници од вкупно присутни 44, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа воздржано.

Драги Давчевски од СДСМ ја предложи Јанчева, образложувајќи дека таа успешно ќе ја извршува функцијата. - Конститутивната седница заврши. Членовите на Советот дадоа свечени изјави и ветија дека ќе работат за доброто на граѓаните, согласно Уставот и ќе се грижат за добро на сите нас, рече Јанчева, по седницата. Таа вети конструктивност и кооперативност во работата на Советот и транспарентно работење. Потенцира дека како мнозинство во Советот максимално ќе се трудат да бидат сервис на граѓаните, поддржани со градската администрација, и да одговорат на сите барања на граѓаните и на сите проекти кои ги ветиле. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Ирена Мишева по седницата изјави дека ќе бидат конструктивна опозиција во Град Скопје и оти ќе се спротивстават на секое незаконие, самоволие, реваншизам и деградирање на луѓето кои се во градската управа и јавните претпријатија. - Коце Трајановски на неговиот наследник му остава во градската каса над 834 милиони денари и 365 милиони денари за фасадите на зградите на Град Скопје, кои се во завршна фаза, што претставува повеќе од половина од буџетот на Град Скопје. Јавните претпријатија ги остави во одлична состојба и опремени со соодветна механизација, рече Мишева. Од градоначалникот Шилегов побара да бидат завршени сите почнати проекти кои, како што рече, се од витално значење за скопјани и исполнување на сите ветени проекти. Првата конститутивна седница ја раководеше највозрасниот советник Михајло Маневски, на која прво беше избрана Комисијата за верификација, мандатни прашања, преставки и поплаки на Советот на Град Скопје. Комисијата во состав Константин Кратовалиев-претседател и членовите Владо Поповски, Александра Јованоска, Халиде Палоши и Садат Рамадани ги верификуваше мандатите на 44 советници, а мандатот на советникот Ерџан Селими, кој не присуствуваше на седницата ќе биде верификуван на некоја наредна седница. На советниците им се обрати градоначалникот Шилегов, кој рече дека ќе биде отворен за соработка. Очекува Советот да биде активен и заедно да работат и да ги штитат интересите на граѓаните на Скопје. Новиот Совет на Град Скопје има вкупно 45 члена. СДСМ има 21 член, ВМРО-ДПМНЕ 17, ДУИ три, БЕСА два, а Алијансата за Албанците и Левица по еден.

 

 

 

02.11.2017 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега