Договорите за јавни набавки од декември достапни за јавноста

 

Договорите за јавните набавки од следниот месец ќе и бидат достапни на јавноста. Договорниот орган ќе има обврска договорот да го објави на својата веб страница, а потоа ќе може да го реализира, потврди за МИА директорот на Бирото за јавни набавки Ѓорѓи Ѓоргиевски.

Според оваа новина, што претходно ја најави премиерот Зоран Заев, од 1 декември секој договор за јавна набавка склучен од која било државна или јавна институција под надлежност на Владата, а со препораки и до општините и до другите јавни институции, ќе може да се реализира откако прво ќе биде објавен на веб-страницата на секоја институција.

Од оваа мерка, Владата очекува сериозна транспарентност, но и сериозна заштеда на трошење на парите на граѓаните во државата. По овој основ се очекуваат најголеми заштеди следната година.

- Кај јавните набавки согледавме дека постои голема можност за корупција. Ќе направиме се таа корупција да ја намалиме на најниско можно ниво со тенденција да ја отстраниме комплетно. Верувам дека со тоа годишно можеме да заштедуваме десетици и десетици милиони евра, пари кои и тоа како и требаат на Македонија за секаков вид развојни компоненти и за јакнење на стандардот на граѓаните, истакна премиерот Заев. 

Александар Зарков, извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија за МИА изјави дека ССК континуирано ја следи сферата на јавните набавки во Република Македонија и доставува аргументирани предлози до надлежните институции за неопходноста од измена на Законот за јавни набавки.

Порачува дека е потребно Законот да се усогласи со европското законодавство, а тоа значи пред се, да се применат правилата според кои најниската цена нема да биде единствен критериум во јавните набавки, туку ќе се земе предвид квалитетот на производот или услугата која е предмет на јавна набавка, на техничката документација како и бонитетот на компанијата.

- Потребно е да постојат построги правила кои компаниите ќе треба да ги исполнат, а институциите што ја спроведуваат јавната набавка да бидат транспарентни и да овозможат рамноправен третман на сите економски оператори. Подготвеноста на институциите да ги постават правилата на игра кои ќе важат за сите еднакво ќе претставува гарант дека изборот на јавната набавка е направен врз основа на најповолната понуда од аспект на цена и квалитет, а со тоа сите економските оператори ќе бидат сигурни дека имале еднаков третман, изјави Зарков. Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации посочува сите препораки што ги дале во изминатите години ќе бидат земени предвид во изготвувањето на предлог законот за јавни набавки. Најавува дека и во иднина ќе ги следат јавните набавки, а реформите што претстојат треба да се однесуваат на промена во институционалната рамка и промени во начинот на кој се спроведуваат реформите. 

Квалитетот на она што се набавува, бидејќи она што суштински е заборавено во јавните набавки во Македонија е всушност целта на јавните набавки е да се добие добра вредност за потрошените пари, а не да се купи најевтиното што всушност на среден и долг рок ќе чини многу повеќе и ќе генерира дополнителни трошоци, истакнува Факиќ.

Меѓу промените што ги предлага е и потребата понудувачите да ја докажуваат способноста за учество со изјава, а потоа онаа фирма што ќе биде избрана да ги достави целосната документација за докажување на својата способност се со цел да се стимулираат што е можно повеќе фирми да учествуваат на тендерите и да се намалат административните бариери. Наместо негативната референца за фирми кои не ги почитуваат договорите или одредбите од склучените договори треба да им се даде право на договорните органи да ги исклучуваат фирмите, но само од постапките што ги спроведуваат да се напушти овој сегашен концепт на негативна референца.

Според нив, потребно е да се зголеми и транспареноста на јавните набавки со задолжително објавување нa плановите за јавни набавки, на договорите што се склучени и реализацијата на договорите.

Промени, смета Факиќ, треба да се направат и во делот на рокот за жалба што треба да тече од денот на објавување на огласот, потоа унифицирање на роковите за поднесување на жалба, да се воведе нов вредносен праг во однос на надоместокот за правната заштита во насока на тоа да се стимулираат жалбите кај помалите фирми, бидејќи како што појаснува, произлегува дека максималниот износ за жалба што се плаќа од 400 евра се однесува и на тендер од 20 илјади и на тендер од 10 милиони евра, што е несразмерно.

Преку јавните набавки годишно се троши една третина од буџетот и затоа вклучените страни сметаат дека сериозно треба да се вложи напор во барањето механизми за спречување на корупцијата и злоупотребите на парите. 

 

 

 

23.11.2017 - 08:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега