Од денеска две нови пробни шатл-линии до Средно Водно

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов кој претпладнево со автобус се качи на Средно Водно и ги промовираше поставените детски едукативни инсталации наменети за најмладите, уште еднаш потсети дека од денеска почнува забраната за движење на моторни возила до Средно Водно.

Шилегов соопшти и дека за да им излезе во пресрет на граѓаните кои сакаат да се рекреираат, Градот Скопје воведе две нови пробни автобуски шатл-линии кои ќе превезуваат патници од почетната станица и ќе возат без застанување до Средно Водно.

Едната шатл - линија тргнува од пред катната гаража на улицата „Свети Кирил и Методиј“, а втората од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат). Покрај овие две нови пробни автобуски линии, граѓаните можат да ја користат и постојната со број 25 до Средно Водно. Возењето на овие три автобуси, 25, 25А и 25Б, на почетокот ќе биде бесплатно.

- Нашите заложби се здрава животна средина и чист простор за спорт и рекреација. Денеска го ослободивме Водно од возилата. Во согласност со забраната за движење возила до Средно Водно за време на викендите и државните празници која почна денеска, тука пристигнавме користејќи го јавниот автобуски превоз што на почетокот е бесплатен за време на забраната, рече Шилегов.

Град Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата „Свети Кирил и Методиј“ и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат). Забраната за возила до Средно Водно ќе важи секој викенд и за време на државните празници, во еден правец, од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно.

Забраната нема да се однесува на автобусите на ЈСП „Скопје“, возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија. Едукативните инсталации на тема „Во имагинарниот свет на децата“ се поставени во паркот „Македонија“, Градскиот парк и на Средно Водно, а целта е подигање на еколошката свест и култура на најмладите. 

 

 

 

25.11.2017 - 15:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега