Од утре пратениците ќе расправаат за Предлог-буџетот

 Во Собранието утре почнува расправата по Предлог-буџетот за 2018 година. Предложениот буџет е на дневен ред во матичната Комисијата за финансирање и буџет, каде според деловникот расправата трае 10 работни денови. Вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193.512 милиони денари, а расходите се планирани на ниво од 211.745 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра.

Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 проценти од БДП или 18.233 милиони денари во апсолутен износ. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.

Ова ниво на дефицит, според Владата, ја одразува определбата за постепена фискална консолидација, како резултат на строгата контрола и силната буџетска дисциплина при намалување на непродуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, кои ќе обезбедат подобрување на економските перформанси.

Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент. Со предложениот буџет пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании, Од даноци се планира да се соберат 114,979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава.

Од придонеси се очекуваат 55,403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата, зголемување на вработеноста и на платите на вработените.

Од вкупните расходи, односно од буџетот за тековни расходи ќе одат 187,100 милиони денари, за плати и надоместоци 27,103 милиони денари кои се за 1,8 проценти повисоки од оние годинава, за стоки и услуги 17,463 и тие се пониски за 1,1 процент.

Повеќе пари ќе се трансферираат до општините за 5,2 проценти или 17,947 милиони денари, за 10,5 проценти во однос на оваа година е зголемена ставката за субвенции и трансфери за што се предвидени 17,209 милиони денари, зголемување од 4,1 процент има и кај социјалните трансфери кои следната година се проектирани на 98,694 милиони денари и 5,3 проценти зголемување има кај капиталните расходи кои се проектирани 24,645 милиони денари. 

 

 

 

26.11.2017 - 10:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега