Тевдовски: Подобар живот и поголема социјална правда со буџетот за 2018

 Предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството, повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, покревање на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го дополнетиот Предлог-буџет за 2018 година во Собранието, со кој Владата од претходно подготвениот Предлог-буџет предложи дополнителни средства за гасификација во висина од 120 милиони денари наменети за експропријација, за блок дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи 200 милиони денари, 100 милиони денари за Фондот за здравство за набавка на лекови и 10 милиони денари за Инспекторатот за животна средина. Во дополнителниот предлог буџет се вградени и шесте амандмани што беа прифатени во собраниските комисии.

Вкупните приходи во Буџетот за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Според Тевдовски, предлог-буџетот ја покажува цврстата определба на владата за ефикасно, домаќинско и транспарентно трошење на државните пари.

- Како што може јасно да се види од нашиот предлог, народните пари ќе се трошат на вистински мерки што ќе придонесат за подобрување на економијата и животот на граѓаните, а не на расипништво и непотребни проекти. Во предлог-буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за клучните столбови на општеството повисоки плати во армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски, рече министерот за финансии.

Според министерот буџетот на Република Македонија за 2018 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува владата, односно проектите што се во насока на постигнување на стабилен економски раст, подобар живот за граѓаните, како и повисоко ниво на социјална правда. Истовремено, вели, тој е одраз на определбата на владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Министерот истакнува дека намалувањето на дефицит е најдобар одраз на опредеблата на Владата за постепена фискална консолидација  која ќе се постигне преку строга контрола и силна буџетска дисциплина при намалување на помалку продуктивните расходи, со истовремено обезбедување на значителен износ на капитални инвестиции и субвенции за поддршка на домашната економија, како и средства за повисоко ниво на социјална правда.

- Цврсто уверени дека овој пристап во крајна линија ќе обезбеди подобрување на економските перформанси и животниот стандард. Истовремено, намалувањето на буџетскиот дефицит претставува најдобра потврда за домаќинско и одговорно работење, а не расипништво со народните пари како што беше пракса во минатото, потенцира министерот. 

Посочувајќи дека макроекономските и фискалните проекции во предлогот се реалистични, рече дека со таквиот пристап се сака  да се избегне повторување на некои минати проблеми со ликвидноста на плаќањата од трезорот или со остварувања на повисок дефицит од планираниот.

Во буџетот за 2018 година за исплата на плати се проектирани 27,1 милијарда денари, каде се предвидени зголемувањето на платите за припадниците на АРМ за 10 отсто од јануари и за пет проценти зголемување на платите од октомври на здравствените работници и вработените во основните и средни училишта и градинките. За стоки и услуги проектирани се 17,6 милијарди денари, за социјални трансфери 98,8 милијарди денари, за правата од социјална заштита се планирани осум милијарди денари, каде се вклучени и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари, за капиталните инвестиции се издвоени 24,1 милијарда денари и тие се повисоки за 3,2 проценти од 2017 година. 

Буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари и 22,7 милијарди денари за отплата на стари долгови ќе бидат потребни 40,9 милијарди денари кои државата ќе ги обезбеди преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

- Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање на еврообврзница или преку повлекување на средства од поволни странски кредити. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал. Понатаму, со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите, рече министерот.

Министерот очекува во наредната година домашната економија дополнително да заздрави од негативните влијанија на политичката неизвесност во земјата во првата половина од оваа година. Порекцијата за реалниот економски раст за следната година е 3,2 проценти.

Значителен двигател на економскиот раст се очекува да биде приватната потрошувачка која се очекува да забележи раст од 2,8 проценти на реална основа.

 

 

 

22.12.2017 - 16:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега