Од 1 јануари на сила забраната за достава на стоки во Центарот на Скопје

 

Од 1 јануари до март следната година Градот Скопје воведува забрана за достава на стока во потесното градско подрачје во период од 7.30 до 18 часот.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, на денешната прес-конференција информира дека ова е една од 15-те итни мерки за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух.

Појасни дека Одлуката се однесува за запирање за доставување стока во наведениот период, а не се однесува на движењето на возилата што ја доставуваат.

Дополнително, оваа забрана не се однесува на фирмите што имаат сопствен простор за доставување стока, туку само за оние што за доставата користат улица или тротоар.

Тој посочи дека се проценува дека 4.000 возила дневно дистрибуираат стока во централното градско подрачје. Станува збор за мерка што ќе придонесе за намалување на застојот во сообраќајот, а со тоа се намалува и количеството на штетните гасови што се ослободуваат за тоа време.

- Свесни сме за непопуларноста на оваа мерка меѓу доставувачите на стока. Со дел од нив веќе остваривме средби со цел да ги надминеме непријатностите што им ги создава примената на оваа забрана. Бараме начин како да ги ублажиме евентуалните негативни последици од нејзината примена. Во истовреме, апелираме за разбирање од фирмите што имаат потреба од зачестена достава на стока и ги замолуваме да најдат начин да ја почитуваат забраната. Сепак, грижата за чистотата на амбиентниот воздух и за здравјето на граѓаните е наша заедничка грижа, истакна Салиху.

 

 

 

26.12.2017 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега