Конституиран новиот совет за рамномерен регионален развој

Владата ќе посвети особено внимание за поттикнување на рамномерниот регионален развој и ќе работи на развојот на сите осум плански региони, на подрачјата со специфични развојни потреби, како и на развој на селата, за да добијат граѓаните подобри услови за живот каде и да живеат, порачаа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на денешната конститутивна седница на Советот за рамномерен регионален развој.

Со седницата, на која беше избран новиот состав на Советот, меѓуресорското тело кое е едно од носителите на политиката за поттикнување за рамномерен регионален развој, претседаваше вицепемиерот Анѓушев.

Констатирано беше дека ќе се изработи нова Стратегија за рамномерен регионален развој, со цел да се изнајдат решенија за недоследностите кои се идентификувани со претходната стратегија.

На седницата е разгледан и годишниот извештај за спроведување на Акциониот план за спроведување на Стратегијата за регионален развој на Република Македонија за 2016 година.

Во составот на Советот освен вицепремиерот Анѓушев и министерот Фазлиу, од Владата членуваат и министрите за финансии Драган Тевдовски, за труд и социјална политика Мила Царовска, за транспорт и врски Горан Сугаревски, за економија Крешник Бектеши, за култура Роберт Алаѓозовски, за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Членови на Советот согласно Законот за рамномерен регионален развој се и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, претседателката на Пелагонискиот регион и градоначалничка на Битола Наташа Петровска, претседателот на Вардарскиот плански регион и градоначалник на Велес Аце Коцевски, претседателот на Североисточниот плански регион и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, претседателот на Југозападен плански регион и градоначалник на Струга Рамиз Мерко, претседателот на Скопски плански регион и градоначалник на Гази Баба Борис Георгиевски, претседателот на Југоисточен плански регион и градоначалник на Струмица Коста Јаневски и претседателот на Источен плански регион и градоначалник на Кочани Николчо Илиев. 

 

 

 

26.12.2017 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега