Зголемен извозот од индустриските зони и најавени нови инвестиции во Македонија

 Комапниите што работат во ТИР зоните во текот на минатата година оствариле за 29,2 проценти поголем извоз во однос на 2016 година, а се очекува и во наредните години да расте.

- Преземените активности во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2017 година, особено во втората половина од годината, бележат позитивни резултати со бранот нови инвестиции и реинвестиции од компаниите во зоните. По објавувањето на Планот за економски раст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал, одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Република Македонија во 2018 година, соопштуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Посочуваат дека првпат во зоните се нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори. Сметаат дека во согласност со зголемениот инвестициски интерес пројавен по однос на мерките од Планот за економски раст и најавите за нови инвестиции се очекува извозот од ТИРЗ да има нагорни стапки на раст и во наредните години.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“ која ќе производува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори. - Се реализираат нови инвестиции, се отвораат нови работни места, а со оглед на тоа дека станува збор за извозно ориентирани компании се очекуваат позитивни ефекти во зголеумвање на извозот, стои во соопштението.

Посочуваат дека еден инвестициски проект е во завршна фаза и во брзо време се очекува компанијата да ја донесе одлуката за инвестирање по што ќе биде потпишан  и договор помеѓу раководството на компанијата и Владата.

Македонската компанија „Хај-Тек“  и германската компанија „Герман Електро Системс“ според најавите се очекува да започнат со работа на почетокот на 2018 година, додека италијанската компанија „МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.

 

 

 

 

03.01.2018 - 11:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега