За 11 месеци лани извозот забележал раст од 18,6 проценти

Извозот на стоки од Република Македонија од јануари до ноември 2017 година забележал раст од 18,6 проценти. Вредноста на извезената стока, според објавените податоци на Државниот завод за статистика, изнесува 5.175.429 илјади американски долари.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.977.194 илјади американски долари, што е за 13,8 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2017 година, изнесува 1.801.765 илјади американски долари.

Најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, не повеќе обработувани од топло-валаните со ширина од 600 мм или повеќе, намотани.

Во периодот јануари-ноември 2017 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

 

 

 

05.01.2018 - 15:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега