Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје

 

Православните верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово - Божик. Традицонално скопското бадникување се одржа пред платото на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.  

Одбележувањето на Бадник почна со бадниковата химна што ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан пред олтарот во Соборниот храм им се обрати на скопјани и на сите добронамерници. 

- Преку славењето на Бога, ние Му се доближуваме на Бога, како што децата им се доближуваат на своите родители. Затоа потребно е секој од нас да ја примиме и на дело да ја покажеме пораката од ангелската песна – да го градиме и да го чуваме мирот со сите околу нас. А тој мир е оној Христов мир – мир без страв, мир без завист, мир исполнет со духовна радост...А да се има мир со Бога, значи да имаме мир во себеси и мир со другите, во мир да работиме и во мир да живееме... Таквиот мир е врв на Божјиот благослов и чувство што може да се доживее само верувајќи во Бога, рече г.г. Стефан.

Тој посочи дека таму каде што нема мир, таму често се раѓаат недоразбирања меѓу луѓето, и војни и судири меѓу народите и државите, произлегуваат морални и општествени кризи, се појавуваат сите зла со кои, за жал, изобилува и денешниов свет.

- Па, ниедно време, чинам, немало толку војни и закани меѓу народите како во ова нашево.?! Ниедна генерација не памети такви насилства и геноциди, прогонства и преселби, по верска и национална основа, не памети такви уништувања на материјални и цивилизациски вредности, како во овие наши дни. Нека овој Божик ни биде извор за духовна радост и утеха, да ја чуваме и живееме верата и да се удостоиме секој од нас за средба со Бога, додаде г.г. Стефан. 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека празниците Бадник и Раѓањето Христово - Божик покажуваат колку всушност малку треба кај секој од нас да го пронајдеме најдоброто во себе. Овие празници, посочи, се празници кои не зближуваат со нашите семејства, родници и пријатели. 

- Уште вечер на Бадниковата вечера и утре кога ќе го славиме Божик всушност ќе почувствуваме колку ни е малку потребно за да бидеме малку повеќе луѓе од тоа колку што сме биле во минатото или ќе бидеме во иднината. Да ви посакам тој мир да го пронајдеме секој во себе, да го имаме постојано со нас, затоа што еден е животот кој го живееме, затоа што тој живот треба да го посветиме на човештината затоа што сме луѓе, додаде Шилегов и го честиташе Бадник и Божик.

На традиционалното бадникување пред Соборниот храм присуствуваа и градоначалниците на Центар и на Сопиште, Саша Богдановиќ и Стефче Трпковски.

Бадникарскиот кум Влатко Огненовски рече дека одењето в црква е убаво, но тоа за него не е само религија, за него религија е чистото срце и убавата мисла, тоа е патот до среќата и до Бога. - Ова мое кумство го доживувам многу убаво и е дар од Бога, додаде Огненовски. 

Минатогодишниот кум Радко Манов му го предаде ќупот на градоначалникот Шилегов, кој потоа му го врачи на новиот кум бадникар за годинава, Огненовски. Беше кршена погача со паричка, а новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството со пајтон, симболот на старо Скопје, замина од пред платото на Соборниот храм. 

 

 

 

06.01.2018 - 13:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега