Фрлени 285 тони индустриска сол на булеварите и улиците низ Скопје

На сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје во периодот од 17 до 7 часот утрово фрлени се 285 тони индустриска сол.

Од Градот Скопје информираат дека на терен се интервенирало со механизацијата на јавното претпријатие „Улици и патишта“, односно со 15 разновидни возила и машини, а на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ и ЈП „Паркови и зеленило“ со луѓе и механизација работеле на расчистување на тротоарите и на јавните површини што се во надлежност на Градот Скопје.

скопје снег чистење

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работеле на расчистување на снегот од тротоарите, јавните површини, парковите и просторот пред автобуските постојки, каде што активностите ги спроведуваа со вкупно 115 лица и механизација (четири машини за чистење снег, четири камиони и еден багер).

Изминатото деноноќие екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ работеле на расчистување на тротоарите на булеварите „Илинден“, „М.Т.Гологанов“, „В.С.Бато“, „Борис Трајковски“, „Јане Сандански“, „Србија“, „Партизански одреди“ (кај ТЦ Буњаковец), „Кочо Рацин“, улиците „Втора Македонска Бригада“, „Адолф Циборовски“, „Френклин Рузвелт“, кружниот тек во населбата Топанско Поле, просторот пред Собрание на РМ, патеките низ Градскиот парк, парк „Македонија“, паркот „Жена Борец“ и мостот „Гоце Делчев“.

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје интервенирале на повеќе локации со 144 работници и механизација (три трактори со специјални четки за снег, еден трактор со специјални ножеви за снег, два мотокултиватора, три специјални возила и две патарки за расфрлање сол).

скопје снег чистење

Во текот на изминатото деноноќие екипите го расчистувале снегот во внатрешниот простор на Клиничкиот центар, како и на плоштадот „Македонија“, улицата „Македонија“, во Старата Чаршија и на пешачките патеки и тротоарите на Камениот мост, мостот „Бит Пазар“ и мостот „Мајка Тереза“. Покрај нив, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ги расчистуваа и пешачките и велосипедските патеки по булеварите „Партизански одреди“, „Илинден“, „ВМРО“, „11-ти Октомври“, „Крсте Мисирков“, „Цветан Димов“, „Христијан Тодоровски Карпош“, „Александар Македонски“, „Кузман Јосифовски-Питу“, „Јане Сандански“, „Свети Климент Охридски“, како и улиците „Цветан Димов“, „Филип Втори“ и „Мајка Тереза“.

Екипите на ЈП „Водовод и канализација“, исто така, се излезени на терен и ги чистат сливниците.

- И во текот на денешниот ден екипите на зимската служба будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите согласно со условите на теренот, велат од Градот Скопје и им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

Потсетуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираат до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти. 

 

 

 

28.02.2018 - 12:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега