Заеднична владина седница на Македонија и Црна Гора во Подгорица
Владите на Македонија и на Црна Гора, денеска во Подгорица ќе ја одржат првата заедничка меѓувладина седница. Делегацијата од нашата земја ја предводи премиерот Зоран Заев, а официјалната посета е на покана на неговиот црногорски колега Душко Марковиќ.
Како што соопштија од владината прес-служба, во владината делегација се и Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата и министер за одбрана, Оливер Спасовски заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Кочо Анѓушев заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Љупчо Николовски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Венко Филипче министер за здравство, Горан Сугарески министер за транспорт и врски, Садула Дураки министер за животна средина и просторно планирање и Андреј Жерновски заменик министер за надворешни работи.
На седницата се очекува да бидат разгледани повеќе информации од интерес за двете земји за развивање и продлабочување на идната соработка, а ќе бидат потпишани повеќе договори и меморандуми за соработка од областа на внатрешните работи, заштитата на животната средина и здравството.
Со средбата со Марковиќ, Заев вчера ја почна дводневната официјална посета на Црна Гора, откако претходно со заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски беа пречекани со церемонија со највисоки државни почести од премиерот Марковиќ.
– Заев го запозна црногорскиот премиер со актуелната политичка ситуација во Република Северна Македонија, која со успешно спроведените избори за претседател на државата и со темпото на реформските процеси, со право го очекува одобрувањето на стартот отворањето на преговорите по поглавја од Европската Комисија, соопшти прес-службата на Владата на РСМ.
Премиерот Заев оствари средби и со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и со претседателот на Собранието Иван Брајовиќ
За денеска освен заедничка седница, предвиден е и Бизнис форум во организација на стопанските комори на двете држави, што ќе го отворат двајцата премиери и претседателите на коморите Властимир Голубовиќ и Бранко Азески.
За време на дводневната официјална посета на Црна Гора, заедно со владината делегација престојува и поголема делегација стопанственици, членови на стопанските комори на Република Северна Македонија, кои заедно со своите колеги од Црна Гора ќе се сретнат и ќе разговараат за соработка во рамките на Бизнис форумот што го организираат двете земји.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа