„Газета експрес“: Новиот граничен премин меѓу Косово и Северна Македонија ќе се отвори во август

Новиот граничен премин меѓу Косово и  Македонија „Белановце-Станчиќ“ ќе биде пуштен во употреба во август годинава, објави денеска порталот „Газета експрес“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, информацијата за порталот ја потврдил официјален извор од косовското Министерство за внатрешни работи, наведувајќи дека досегашните одлагања за отворање на преминот биле поради тоа што Северна Македонија првпат отвора заедничка гранична точка.

– Ова е првпат во Република Македонија да се отвора заедничка гранична точка, затоа што во тој правец македонската страна имаше недостиг на легислатива за реализација на проектот и беше потребно доста време за донесување на законската инфраструктура, поради што доцнеше имплементацијата, вели изворот на „Газета експрес“.

Иницијативата за отворање на граничниот премин потекнува од 2011 година, а неговата изградба, со финансиска помош од Европската Унија (ЕУ), почна во јуни минатата година, кога беше поставен камен-темелникот од страна на вицепремиерите на двете земји, Бујар Османи и Енвер Хоџај и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Приштинскиот портал наведува дека жителите на кумановскиот регион во Македонија и гњиланскиот во Косово постојано се жалеле поради не реализацијата на проектот, затоа што биле принудувани да патуваат и по сто километри за, преку граничниот премин Блаце, да стасаат до местата на другата страна на границата, кои се инаку многу блиску едно до друго.

Отворањето на оваа гранична точка, пишува „Газета експрес“, има стратешко значење поради географската позиција која ги поврзува трите држави, Косово, Северна Македонија и Србија, од аспект на развојот на економијата и трговија, движењето на луѓе и стоки и друго

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.05.2019 - 15:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега