Груби со писмо до ЕУ: Дајте ни шанса

Претседателот на Комисијата за евопски прашања, Артан Груби до колегите во ЕУ испрати писмо во кое од името на пратениците и членовите на Комисијата побара шанса за почеток на преговорите со Унијата. Ви го пренесуваме целосно:

Во името на сите пратеници, членови и заменици членови на Комисијата за европски прашања на нашето Собрание би сакал да Ви се заблагодарам за Вашата континуирана поддршка  во однос на пристапувањето на нашата земја кон Европската унија.

Нашата определба за ЕУ членство е недвосмислена, надпартиска и беше потврдена и од овој состав на Собранието, со едногласно донесување на Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во Европската унија, од страна на сите политички партии.

Нашата земја се здоби со кандидатски статус во 2005 година, а во 2009-та година, Европската комисија даде препорака за почеток на преговори.

Со ратификацијата на Преспанскиот договор во нашиот и во Грчкиот парламент, прашањето за употребата на уставното име на земјата, за среќа, успешно се затвори. Двете земји направија навистина сизифовски напори за надминување на овој билатерален спор. Истовремено, го потпишавме и Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, со што ги потврдивме нашите заложби за негување на добрососедските односи со сите наши соседи, што е предуслов за просперитет и развој. Покрај тоа,земјата посветено работеше на реформските задачи во: судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, а кои ни беа посочени на ланскиот Советот на ЕУ, како клучни за добивање на датум. За Ваша подетална информација во Прилог Ви ја доставуваме и Листата на реформските закони, кои ги донесе Собранието.

Земјата, исто така, одржа и примерни локални избори во 2017 година, референдум во 2018 и претседателски избори во 2019 година.

На крај, дозволете ми да завршам со апел и молба до Вас, Вашиот парламент и Вашата Влада, да ни дадете поддршка за нашиот Европски сон, со потврдување на препораката за добивање на датум за почеток на преговорите на Советот во јуни, затоа што нашите граѓани, нашата земја тоа го заслужуваат. Сите ние, нашето општество, очекуваме позитивна одлука на Советот во јуни, како признание за нашите заеднички напори.

Датумот за нас, ни ја отвара вратата од училницата, каде што ќе треба постојано да учиме и да ги положиме 35-те испити за на крај да дипломираме. Вие пријателски нѐ охрабрувавте да покажеме лидерство и да ги решиме сите наши прашања, како што и впрочем направивме, а сега, исто така, ние пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

06.06.2019 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега