Заев: Ако не добиеме датум можно враќање на мандатот и разговори што понатаму

Дали премиерот Зоран Заев ќе го врати мандатот или ќе има само реконструкција на Владата зависи од тоа дали Македонија ќе добие датум за преговори. Премиерот Заев денеска на прес-конференција во Владата кажа дека ако остане во план реконструкција на Владата, тогаш тоа може да се случи најдоцна до крајот на јуни. Сепак, Заев кажа дека на идната седница ќе има одредени промени на директорските места.

– Замислите за реконструкцијата беа поприлично завршени, но заради тоа што парламентарното мнзоинство не е така спокојно после сите одлуки што ги донесе и не гарантира дека ќе се одржи, најави и можно враќање на мандатот. Тоа значи отворање на различни можности, прво дебата во кој правец продолжуваме и тоа во случај ако не се донесе одлуката ова лето. Ќе ги видиме и основите од разговорите со канцеларката Меркел, а ние сме во постојана комуникација со лидерите од сите земји, истакна Заев.

Претходно по посетата на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање рече дека ако дојде до ситуација да се врати мандатот тогаш има повеќе опции, а една од тие опции се предвремени избори.

-Предвремените избори не се добри за економијата и тоа треба да го знаат сите. Кога топлиот ветер дува во грб на Република Северна Македонија, буквално да гледаме да го искористиме. Сега е времето, рече Заев.

Другите опции, како што рече, се добивање нов мандат.

– Со мандатот ќе видиме кој. Имаме претседател на државата, кој верувам дека сега ќе даде мандат. Верувам дека сега нема да имаме повторно губење на месеци околу давање на мандатот, а тогаш самиот мандатар ги прави сите анализи за тоа кој ќе ја сочинува Владата и како личности и како политички субјекти сигурно. Но, тоа зависи од суштината на самата дебата ако дојде до враќање на мандатот, појасни Заев.

Во контекст на добивање датум за преговори на прес-конференцијата во Владата тој посочи на состаноците на Советот за општи прашања на ЕУ во јуни и јули, но и најави и уште една средба со германската канцеларка Ангела Меркел, за што веќе има потврден термин. Не прецизираше кога и каде би се одржала средбата. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.06.2019 - 15:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега