Еден затворски чувар обезбедува 50 притворени лица во затворот во Шутка

Бројот на службените лица во затворската полиција во истражниот затвор во Шутка не е доволен за правилно и непречено извршување на работите во врска со обезбедувањето и притворените лица, објави МКД.мк. По инцидентот во Истражниот затвор во Шутка со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски беа откриени многу недостатоци во системот. Во Извештајот на народниот правобранител освен заклучоците и препораките во врска со инцидентот, има и посебна папка во која се наведени општите констатации поврзани во функционирањето на притворското одделение за затворот.

Во разговорите што претставниците на народниот правобранител ги извршиле со службените лица од КПУ добиени биле информации дека има недостиг од службени лица во затворската полиција и дека се принудени да работат прекувремено, а често се повикуваат на работа и надвор од редовното работно време, најчесто кога ќе треба да се извршуваат спроводи, пишува МКД.мк.

Од увидот во прегледите на бројната состојба на притворени лица и работните обврски произлегува дека најчесто на смена за обезбедување на 250 притворени лица се задолжени од 15-18 службени лица од затворската полиција, што не е доволно.

Во Извештајот стои дека во секој ходник каде што се наоѓаат просториите за притвор се распоредуваат по двајца, односно тројца затворски службеници–надзорници. Со оглед на работните задачи на надзорниците распоредени по ходниците, а коишто меѓу другото вклучуваат и спроводи на лицата од нивните простории до останатите делови од Затворот, до амбуланта, просториите за посети, многу често се случувало во секој од ходниците, каде што во просек има од 35 до 50 притворени лица да остане само едно службено лице, а понекогаш и ниту еден одговорен за доследно почитување на правилата предвидени во Куќниот ред и за постојан мониторинг на сите останати случувања поврзани во просториите.

Ваквата состојба јасно упатува дека во притворското одделение на Затворот не може да се обезбеди соодветен степен на сигурност и заштита на притворениците, ниту пак може да се очекува дека во случај на насилни инциденти ситуации ќе се реагира правилно и навремено согласно со потребната итност што ја налага секоја конкретна ситуација.

Недостигот од соодветни почетни и континуирани обуки и тензии се одразува на професионалноста и стручноста при извршување на работните задачи на вработените и ангажирани службени лица во затворот, а во тој контекст и нивната ефикасност во постапувањето.

Народниот правобранител, заради правилно извршување на работите во врска со обезбедување на притворените лица препорачува итно да се преземат мерки за вработување на службени лица, вклучително и од женски пол, да се обезбедат континуирани обуки и тренинзи на севкупниот работен персонал, пред стапување на должност и во текот на работење, целосно да се елиминира појавата на корумпираност, прегледите на затворската да се вршат без присуство на припадници на затворската полиција, освен ако лекарот не бара поинаку.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

08.06.2019 - 10:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега