Груевски и Богоевски не се веќе пратеници

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска ги констатираше оставките на пратеникот Павле Богоевски и пратеникот во бегство Никола Груевски.

На денешната седница беше констатирана и оставката на пратеникот Павле Богоевски, која тој ја најави на седницата на Комисијата за деловничко-мандатно и имунитетни прашања пред отворањето на точката на дневен ред за одземање на мандатот на Груевски.

- „Одговорност се поднесува лично и храбро и со крената глава пред тие кои те избрале, а не кукавички и во бегство и криејќи се зад диктатори со слични уверувања“, рече Богоевски кој ја поднесе оставката по скандалот со снимката за која тврди дека нарачувал масло од канабис.

Груевски за оставката информираше преку Фејсбук неодамна.
 
- Видлива е стратегијата на СДСМ своите секојдневни неуспеси, криминал, масовна корупција, бројни неостварени ветувања, непотизам, и огромен број други слабости да се обидува да ги прикрива преку наметнување на лажни информации и тези со очигледна понатамошна опседнатост со мене. Опсесијата со мене ја натера власта набрзина и хистерично да менува закони, деловник за работа на парламентот и вообичаената пракса на работа во парламентот само за да ги задоволат своите лични фрустрации,комплекси и опседнатост со мене до степен на ,,кошмар,,, како и потребата со лажна пропаганда да ги задскриваат своите катастрофални и ненародни политики. Дојдоа до степен на секретарката во парламентот да и забрануваат да ме пријави како оправдано отсутен. Оттука, одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно парламентот ќе го известам во наредните денови. 

Им благодарам на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што издржаа на принципиелните позиции кои се во склад со уставот и меѓународното право и не потклекнаа на притисоците. Посебно благодарност до илјадниците граѓани кои на различни начини, преку лични контакти или преку социјалните мрежи во изминатите денови ми даваа огромна подршка и покрај сиот притисок и неправди, покрај сите лажни пропаганди и лични ризици, покажаа дека чувството за правда и правичност, отпор, неприфаќање и бунтовност пред неправдата, останува водилка на македонскиот народ и граѓани, колку и инсталиранста власт да промовира поинакви и спротивни на овие вредности.

Да живее Македонија!

 

Претходно, на седницата за одземање на мандатот на Груевски имаше тензична атмосфера. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не се изјаснија за предлогот, ниту гласаа за дневниот ред на седницата.

Невенка Стаменковска  рече дека Никола Груевски не ги исполнува условите бидејќи пријавувањето за отсустен во ова Собрание е спречен да го направи и тоа спречен точно од целата пратеничка група на СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

11.06.2019 - 17:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега