Пратениците по скратена постапка ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за акцизи

 

Пратениците на денешната 119-та седница со 55 гласови „за“, седум „воздржани“ и еден „против“, ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за акцизи по скратена постапка.

Предлог-законот беше предложен од пратениците Ристе Ташев, Панчо Минов, Артан Груби и Мирослав Јовановиќ.

Предлогот за изменување и дополнување на Законот за акцизите ќе им овозможи на економските оператори кои работат со новите тутунски производи да ги пријават планираните месечни количества на акцизни марки во периодот од 1 декември до 10 декември 2019 година и на тој начин ќе се овозможи и подигање на акцизни марки и обележување на овие производи согласно примената на новиот Закон за акцизите. Ова, значи можност за економските оператори навремено да ги започнат своите планирани активности со новите тутунски производи.

Истовремено, се предлага да се одложи примената на Законот за акцизите, односно наместо од 1 ноември 2019 година, тој да почне да се применува од 1 јануари 2020 година.

Со Законот за акцизите се уредуваат акцизите за добрата подлежни на акциза, во поглед на начинот на настанување, пресметување и плаќање на акцизите на акцизното подрачје на Република Македонија, правата и обврските на акцизните обврзници и надлежниот царински орган во врска со акцизните добра, вклучувајќи ја постапката за надзор и следење на движењето на акцизните добра.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.10.2019 - 16:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега