Граѓаните против прогресивниот данок – над 42% бараат враќање на рамниот

Големо мнозинство од граѓаните е против прогресивниот данок кој владата го воведе на почетокот на оваа година, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе институтот за политички истражувања Скопје.

Според неа, 42,4% од анкетираните граѓани велат дека не го поддржуваат воведувањето на прогресивниот данок и дека сметаат дека треба да се врати рамниот данок според кој се вршеше даночењето претходно, за разлика од 25,2% кои преферираат прогресивна даночна стапка.

Според граѓаните, прогресивниот данок ја зголемува даночната евазија. 38,2% од  се анкетираните сметаат дека со воведувањето на прогресивниот данок, даночното затајување се зголемува, 10,4% дека се намалува а 18,1% не гледаат промени. Интересни се резултатите од ставовите на граѓаните кои се самовработени или пак имаат некој приватен бизнис. Дури 52,8% од нив сметаат дека прогресивниот данок го зголемува даночното затајување.

Прогресивниот данок беше предизборно ветување на актуелната власт. Беше воведен на почетокот на оваа година, а пред неколку дена,  Владата ја замрзна неговата примена за наредните 3 години почнувајќи од стартот на наредната година со образложение дека не ги дал потребните ефекти.

Опозицијата, во чие владеење и беше воведен овој данок и која се противеше на прогресивната стапка, ја обвини власта за фискални експерименти коментирајќи дека станува збор за предизборен маркетинг на власта.
Анкетата на Институтот за политички истражувања е спроведена телефонски во периодот од 25 до 29 октомври годинава врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.11.2019 - 16:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега