Царовска: Со социјалната реформа трипати ја зголемивме социјалната помош

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска се обрати на настанот во рамките на ЦЕЕПУС-мрежата за социјална работа и социјална политика – Регионална недела, кој од 25 до 29 ноември се одржува на Филозофскиот факултет во Скопје.

„Мора да истакнам дека околу 70 отсто од препораките што ги добивме од институтот ги вметнавме во законските решенија. Сега во просек имаме трипати зголемена социјална помош за корисниците и социјални пакети со кои ја намалуваме сиромаштијата, но и 26 отсто зголемени плати на социјалните работници кои ја имплементираат реформата. Некои од овие работници работат со лица со тешки попречености и немаа покачување на платите повеќе од 15 години и работеа за минимална плата. Ваквата состојба сега е променета“, рече Царовска, пренесува „Макфакс“.

Министерката истакна дека во тек е спроведувањето на втората фаза од социјалната реформа – развој на социјалните услуги на локално ниво, кои ќе се имплементираат преку општините за што на располагање се 10 милиони евра.

На настанот се обрати и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ди Џовани, која зборуваше за улогата и придонесот на УНИЦЕФ во земјите од Западен Балкан.

Целта на Регионалната недела е да се истакнат искуствата и потребата од регионалните вмрежувања заради здружување на најдобрите практики и договорање стандарди во социјалната политика и социјалната заштита, кои ќе бидат договорени и прифатени од истражувачите, практичарите и политичарите во интерес на одржливост и унапредување на системите на социјална заштита.

На настанот учествуваат осум професори од регионот, сите професори од Институтот за социјална работа и социјална политика, како и студенти на докторски и магистерски студии од регионот и при Институтот.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2019 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа