Владата усвои Предлог-закон за поттикнување, привлекување и создавање инвестиции

Поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во Република Северна Македонија, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности на земјата се некои од целите на Предлог-законот за стратешки инвестиции, кој беше усвоен денеска на владина седница.

Со законот треба да се постигне и зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните на Република Македонија.

Предлог-законот е во согласност со регулативата на Европската Унија за такви инвестиции, а предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата, транспорт и телекомуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една од наведените области.

– Во текстот што го предлага Владата за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на Република Северна Македонија, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село, соопштија од владината прес-служба.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

26.11.2019 - 21:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега