Премиерот Заев: Северна Македонија направи пријателството во регионот да биде „заразно“
Пријателството со Бугарија и Грција е „заразно“ и се рашири низ целиот регион. Сега сме пријатели со Албанија, со Србија, со Косово, Црна Гора Босна и Херцеговина, и се поттикнуваа пријателски односи меѓу сите земји одделно, споделуваме искуства, се поддржуваме едни со други, и ѝ покажуваме на ЕУ дека можеме да соработуваме и да градиме еден друг Балкан на нашиот пат до ЕУ и НАТО, рече Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев вечерва во интервју за ТВ Шења.
- „Кога станува збор за нашето членство во НАТО и за придобивките од полноправното учество во најмоќната безбедносна алијанса во светот, освен сигурност и стабилност, тоа значи и големи економски придобивки. За кусо време Северна Македонија, компаниите од нашата земја ќе се стекнат со право да учествуваат во логистиката на работата и операциите на НАТО. Тоа значи пристап до десеттици милијарди евра и затоа ги подготвуваме сите услови нашите компании да бидат подготвени. Во таа насока на последната седница го усвоивме и во постапка на усвојување во Собранието го пуштивме Предлог-Законот за стратешки инвестиции. Тоа законско решение ќе овозможи во земјата да дојдат големи инвестиции од најмалку 100 милиони евра на национално ниво. Најавувам 5 такви големи инвестиции. Се работи за инвестиции од посебен, јавен интерес, и затоа одлучивме дека тие треба да бидат одобрени и поддржани во Собранието“ рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Шења.
Најважно за нон-пејперот што дојде од Франција е дека во него апсолутно е предвидено дека крајната цел на новата методологија е членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан, рече премиерот Заев.
- „Нон-пејперот беше испратен до нас истовремено кога беше споделен со другите земји членки на ЕУ. Сега тој документ треба формално да го допрецизира Европската Комисија и тој да биде официјален и прифатен во Европскиот Совет. Побарано е од нас да го дадеме нашето мислење и ние ќе го направиме тоа. На нас останува да продолжиме со реформите и со оставрување на ЕУ стандардите дома. Да не заборавиме, најголемиот раст земјите кандидати за членство во ЕУ, го постигнуваа за време на преговорите, кога фокусот беше на домашните реформи и на трансформација на општествата на земјите според европските стандарди“, рече Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев во вечерашното интервју.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа